Владата не го поддржува протестот за ОВК, но ќе ги превземе сите безбедносни мерки
Скопје во сабота ќе биде центар на регионален собир на кој ќе се бара ослободување на поранешните лидери на ОВК. Додека се чека само формално одобрение од Град Скопје, за протесотот закажан на плоштадот Скендербег расте поддршката помеѓу албанските политичари во земјава. По Ахмети и Таравари, косовски медиуми пренесуваат дека поддршка за протестот дава и градоначалникот на Чаир, на чија територија ќе се одржи собирот.
Во изјава за Вокс Косова, Меџити вели дека протестот е демократско право, а Ослободителната војска на Косово е национална гордост. Сепак денеска не добивме одговор од Меџити дали ова значи и дека лично ќе присуствува на протестот во сабота.
Премиерот Мицкоски вели дека потегот на Меџити е погрешен, но негов личен став. Иако вели дека Владата не го поддржува овој протест, сепак ќе ги превземе сите неоходни безбедносни мерки, кризен штаб ќе ги следи сите активности 24 часа пред и по завршување на собирот.
Владата не го поддржува (маршот) и немаме намера да го поддржиме, но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто кое ние граѓаните не сакаме да се случи. Инаку, препотставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени што мислам дека му е погрешна одлука. За ова се исто така информирани и нашите стратешки партнери. Сите тие се информирани за сите оние мерки кои ќе бидат превземени. Ќе имаме и кризен штаб кој што ќе го следи ова 24 часа пред да се случи и откако ќе се случи, нормално – обезбедување, испраќање на сите оние кои ќе дојдат на оној настан, изјави Мицкоски.
Зад иницијативата стојат здруженија на ветерани и организации произлезени од конфликтот во Косово, кои сметаат дека хашкиот процес е политички мотивиран и насочен кон ревизија на историјата на косовската војна. На протестот ќе се бара ослободување на Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите поранешни водачи на ОВК, кои пред Специјализираните совети во Хаг се соочуваат со обвинувања за воени злосторства.
Вакви протести изминатиот период се одржаа и во Приштина и во Тирана.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар
