„Везилка“ ќе ги даде првите резултати уште ова лето
Националната фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ ќе ги даде првите резултати уште ова лето. Министерот за дигитална трансформација Андоновски вели дека првата задача ќе биде дигитализација на македонскиот јазичен корпус, а од есен системот ќе почне да се користи и во здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација.
„Во ерата на вештачката интелигенција, малите јазици немаат право на пасивност. Ако не е инвестирано во македонскиот јазик во дигиталниот простор, ризикуваме тој да биде потиснат од големите јазични модели и глобалните платформи. Затоа „Везилка“ не е технолошки проект, туку е проект за македонскиот јазик, македонското знаење и македонската дигитална иднина“, кажа министерот.
Според Андоновски, „Везилка“ подоцна ќе биде вградена и во државниот портал за електронски услуги. Наместо граѓаните да пребаруваат сами, системот ќе им помага преку разговор да ја пронајдат онаа услуга што им е потребна.
„Ќе имаме алатка што ќе чита податоци на македонски јазик и ќе произведува потребни резултати на македонски јазик. Да објаснам попластично: на порталот uslugi.gov.mk намерно не воведуваме алатки на вештачка интелигенција, зашто тие се базирани на некоја странска алатка. Со „Везилка“, кога ќе дојдете на порталот, веќе нема вие да пребарувате услуга, туку порталот ќе ве прашува — ќе биде агент или поддршка — што ви е потребно? И ќе стигнувате многу побрзо до посакуваната услуга наместо да пребарувате, а ние позадински ќе имаме анализи, податоци, информации како се движат нашите корисници низ овој портал. Ова е само една од примените што ги планираме, но очекувам ваква примена и во многу други институции“ објасни Андоновски.
Инаку на порталот uslugi.gov.mk бројот на електронски услуги за 2 години пораснал од 120 на 352. Месечно онлајн се издаваат над 13.400 документи – што е за речиси девет пати повеќе од порано. Бројот на корисници се зголемил од 110.000 на 267.000. Вкупниот број на поднесени барања достигнал околу 340.000.
Преку порталот, граѓаните денес можат целосно електронски да добијат изводи од матичните книги, уверение за државјанство, потврда за неосудуваност, одобрение за набавка на оружје и други административни услуги.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
