Македонија
25. јуни 2016 - 14:43

Вежба за гаснење пожар на брод и спасување давеници во Охридското Езеро

Во водите на Охридското Езеро денеска беше изведена практична вежба со импровизиран пожар на брод во кој има лица со изгореници и патници, кои се наоѓаат во вода како давеници.

Во акцијата учествуваа 50-тина припадници на повеќе надлежни служби, а според портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски помина во беспрекорна координација и професионалност во извршувањето на предвидените задачи.

-  Со тоа покажавме како служби, но и како град дека сме подготвени за беспрекорна безбедност на вода. И оваа сезона Охрид ќе пружи мирно лето за сите гости, туристите, но и за охриѓани, рече Димоски.

Инспекторот за противпожарна заштита при МВР Зоран Нешкоски оцени дека вежбата била сублимат на сите знаења и професионалност, на институциите вклучени во безбедноста на вода.

- Сметам дека оваа вежба беше еден сублимат на сите знаења и професионалност и успешно беше изведена пред почетокот на туристичката сезона во Охрид, истакна Нешкоски, посочувајќи дека со експертите од Хрватска кои беа присутни ќе направат анализа и ќе ги отстранат евентуалните неправилности во акцијата.

Одличната соработика и координација со релевантните институции придонеле во начинот на делување, смета Антонио Додевски координатор за одговор при катастрофи на единиците за спасување на вода и планина при Црвен крст-Охрид.

- Во последните неколку години имаме одлична соработка и кооридинирана активност меѓу релевантните институции и невладините служби што вродува со плод. Повеќе од 10 години сум вклучен во оваа проблематика, но можам да константирам дека последните две-три години навистина имаме напредок во начинот на делување само со координираноста. Не сме повеќе опремени од порано но со координирана активност можеме поефективно и поефикасно да се справиме, изјави Додевски.

Практична вежба „Гаснење пожар на брод и спасување давеници од вода“ ја организираше Министерството за внатрешни работи, а ја реализираа претставници од Единицата за специјални задачи, СВР Охрид, езерската полиција, Капетанија на пристаништа, Територијалната противпожарна единица,  Црвениот крст и екипи на Брза помош.