Балкан
13. May 2019 - 14:43

Ветер од 70 километри на час корнеше дрвја, семафори и покриви во Загреб

Откорнати дрва, искршени гранки по улиците и оштетени покриви се дел од утринската глетка во Загреб по силниот ветер што не прекинува да дува од вчеравечер. Сообраќајот на неколку улици е во прекин, а укинати се и неколку автобуски линии.

Хрватските медиуми јавуваат дека пожарникарите во Загреб имале 150 интервенции во текот на ноќта. 

МВР Хрватска објави на Твитер дека поради силниот ветер повреден е пешак во центарот на градот, на плоштадот Бан Јелачиќ, а врз женско лице паднало гранка во населбата Чрномерец.

Полицијата објави предупредување во кое им препорачува на граѓаните да не излегуваат од дома, доколку немаат потреба, и да не престојуваат на отворено.

„Поради силниот ветер што во текот на денешниот ден ќе дува во Загреб и Загрепската Жупанија, им се препорачува на граѓаните да не излегуваат на отворено ако немаат потреба. Ова особено се однесува на децата и повозрасните граѓани. Им препорачувме на граѓаните да користат јавен превоз. Исто така, ги повикуваме граѓаните да не патуваат кон планинските предели“, пишува во сопштението.

Хидрометеоролозите од целиот регион најавија обилни врнежи од дожд во следните два дена и предупредија дека се можни поплави.