Свет
20. јуни 2017 - 12:08

Венецуела ја напушти средбата на Организацијата на американските држави во Мексико

Министерката за надворешни работи на Венецуела, Делси Родригес ја напушти средбата на министрите за надворешни работи на Организацијата на американските држави (ОАД), на која се разгледуваше политичката криза во Венецуела. 

На средбата во мексиканското одмаралиште Канкун, земјите од ОАД повторно не успеаја да ја усвојат резолуцијата, со која се осудуваат некои од порадикалните активности на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Венецуелската министерка ја напушти средбата и изјави дека и други земји членки на ОАД размислуваат да го следат примерот на Венецуела и да си заминат од Организацијата, која врши притисок врз Мадуро да закаже избори, да ослободи политички затвореници и да се откаже од намерите да го менува Уставот во обид да ја задржи власта. 

Венецуела во април ја активираше процедурата за напуштање на ОАД, која трае две години. 

Родригес не кажа, кои земји сакаат да ја напуштат ОАД. Венецуела е поддржана од други леви влади, како тие на Никарагва, Боливија и Еквадор. 

Во главниот град на Венецуела, Каракас, 80-ти ден по ред демонстрираа илјадници противници на претседателот Николас Мадуро.

На протестите беше застрелано 17-годишно момче, со што бројот на убиените од почетокот на протестите достигна 74 лица за 80 дена, а над 1.300 беа ранети. Дваесет и седум лица се ранети во денешните протести, вклучувајќи и четворица со огнено оружје.