Македонија
27. July 2016 - 15:32

Вељаноски најредовен на седниците на Собранието

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски и уште 33 пратенци немаат отсуство на ниту една од пленарните седници што Собранието ги одржа во периодот јануари - јуни 2016 година, покажуваат презултатите од 17. број на публикацијата  „Мојот пратеник“ што денеска беше презентиран.

На пленарните седници најмногу за дискусија, 26 пати се има јавено пратеникот Горан Сугарески од СДСМ по што следат неговите сопартијци Марјанчо Николов со 23 и Томислав Тунтев со 22 јавувања. Сугарески воедно има и најголем број на реплики 107, а по него се Николов со 73 и Тунтев со 63 реплики.

Сугаревски е и пратеник со најголем број процедурални интервенции 42, пред Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со 34, Талат Џафери од ДУИ со 16 и Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ со 10.

Најмногу амандмани 1.087 поднел Горан Милевски од ЛДП по што следат Јулијана Силјановска од СДСМ со 937 и независниот пратеник Зулфи Адили со 928 амнадмани. Најголем број на предлог закони 12, пак, има поднесено пратеничката група на СДСМ, најголем број на пратенички прашања имаат поставено Нора Алити од ДУИ - четири, Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ три, и Томислав Тунтев три, а најголем број на дискусии на седници на работни тела има Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ - 36 пред Марјанчо Николов со 21 и Лидија Димова од СДСМ со 20.

На пленарните седници воопшто немаат дискутирано 15 пратеници меѓу кои се и Али Ахмети и Артан Груби од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, а на седниците на работните тела за дискусија се немаат јавено 19 пратеници меѓу кои повторно се Ахмети и Тачи.

Најмногу оправдани отсуства од пленарните седници имаат Хазби Лика од ДУИ (65) по што следат Али Ахмети со 64, Мендух Тачи со 63 и Артан Груби со 61 отсуство.

Собранието на Република Македонија почнувајќи од август 2006 година редовно ја издава публикацијата „Мојот пратеник“ во која можат да се најдат податоци за активноста на пратениците во Собранието и собраниските тела.