Македонија
13. April 2016 - 22:04

Вељаноски до СДСМ: Многу јасно објаснив зошто не може да се свика седница на Собранието

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски  по тврдењата од опозициската СДСМ зошто не свикува седница за одговорност на претседателот Ѓорге Иванов  упатува на неговото претходно соопштение во кое, како што вели, многу јасно е објаснето зошто според Уставот не може да се свика седница на Собранието.

- Со последното соопштение на СДСМ, кое е типично за нивната улична политичка култура, Заев и водството на партијата повторно ме обвинуваат дека јас, како претседател на Собранието на Република Македонија, не свикувам седница за покренување на постапка против претседателот, Ѓорге Иванов. И овој пат, сакам да ги упатам лидерите на СДСМ, поточно двоецот Заев-Шекеринска, на моето денешно соопштение во кое многу јасно е објаснето зошто според Уставот не може да се свика седница на Собранието, наведува во Вељаноски.

Истовремено, додава, многу децидно напишав дека не ја прифаќам Одлуката за аболиција која ја донесе претседателот Иванов, и притоа истакнав дека секој политичар мора да сноси одговорност за своите постапки и одлуки. - За жал, водството на СДСМ, барем досега, покажа дека му недостасува токму чувството за одговорност кон граѓаните и државата, оценува претседателот на Собранието.