Велигденски поскапувања
Граѓаните ги прават последните подготовки пред Велигден. Маркетите и пазарите се полни. Најголема гужва има кај јајцата – табла деновиве се продава за околу 300 денари.
Според Евростат, Македонија е на второ место по поскапување на јајцата во Европа лани. Годишниот раст, според нивните пресметки бил над 26%. Пред нас е само Шпанија со нешто над 31% зголемување. Но, и покрај ова, како што објави Еуроњуз, земјава ги има едни од најниските цени. Поевтини јајца се продаваат само во Украина и Косово.
Цените и на останатите производи се „шарени“ од место до место. Килограм јагнешко се продава околу 700 денари, прасешкото 400. Доматите чинат од 200 до 250, краставиците од 100 до 180. Пиперките се над 200, младиот компир околу 60 денари.
„Поскапени се јајцата, марулите, зеленчукот. Месото, не прашувај“
„Колку што гледам нешто драстично поскапување нема. Мислам, стандардно, секогаш има по малку поскапување“
„Може малку, на се по нешто има поскапување, ама не е толку голема разлика како што кажуваат. Јајцата беа 250, сега се 300. Сега Велигден е, секогаш тоа го прават, не е ова првпат ова. И месото е покачено. Не го купувам јас, тоа маж ми го прави, така што не знам, ама мислам дека и тоа е покачено“
„Сега се е скапо. Ова што сум земал – 1.500 денари. Сирење земав, малку дропче и малку јагнешко и тоа е се. Колку за празникот да имаме“
Но, празничната атмосфера годинава е во сенка на економската неизвесност поради војната на Блискиот Исток. За да се спречи голем скок на цените, пазарните инспектори во 30 тимови тргнаа во вонредни контроли. Дали и што поскапело, ќе се знае во вторник.
- На последната владина седница го задолживме Министерството за економија и труд да направи компаративна анализа на цените на основните прехранбени производи на почетокот на февруари и почетокот на април. Очекувам сега во вторник Министерството да излезе со детална анализа и тогаш би можеле повеќе да кажеме - изјави Мицкоски.
Премиерот веќе најави дека на следната владина седница ќе се донесат мерки за производите. Досега како опција беше споменато укинување на ДДВ-то на основните продукти кои сега имаат 5%, како и замрзнување на маржите, но по нов модел – со постепено одмрзнување, за да нема ценовен шок.
Инаку државна статистика забележа годишна инфлација во март од 4,9 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
