Македонија
7. April 2024 - 16:37

Уставните измени најжешката тема во предизборната кампања

Уставните измени за внес на Бугарите, како услов за Европската унија се уште се најжешката тема во предизборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори. Албанскиот блок не одстапува од тоа тие да се клучен услов за формирање на идната Влада.

Бујар Османи од ДУИ вели дека ова е прашање во кое влог имаат внесено и ЕУ и САД, па така дури и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се согласи на измените на Уставот.

Мора да се согласи. Нема алтернатива. Затоа не ги гледам сериозно овие обиди да се добијат политички поени на таа тема. Не зависи само иднината на Северна Македонија. Зависи и иднината на Балканот и безбедноста на Европа од интегративниот процес на земјите од Западен Балкан ... Нема да може да има Влада без договор за уставни измени. Тоа е јасна констатација на сите политички партии кои што сметаат дека Европската Унија е единствена алтернатива за нас. Така да, сите опции ќе бидат искористени, од можноста да се понуди и национална влада за спас.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веќе одговори дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема, но и дека опција е тие бидат донесени со одложено дејство до влезот на земјата во ЕУ. Мицкоски гледа одговорност во власта на Ковачевски и Пендаровски за лошиот Договор постигант со Бугарија.

Лидерот на СДСМ пак, вели дека тој е за уставни измени што поскоро бидејќи тие ја носат државата во ЕУ, а не дека постои услов од албанските партии за формирање на Влада.

Претходно ваквиот услов го испорача и Таравари, како дел од алабанската опозициска коалиција Вреди. Иако Таравари вели дека нема пишан документ со Ахмети за брзи уставни измени сепак постои принципелен џентлменски договор за ова прашање. Тој сепак, најави дека албанската опозиција е подготвена да чека 6  месеци за промена на Уставот.