Македонија
31. January 2018 - 15:01

Уставниот суд укина одредба од Законот за царинската управа

Уставниот суд  на денешната седница го укина членот 9 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за царинската управа.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од законската одредба пропишува дека „Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа, Законот за акцизите, Закон за даночна постапка, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности коишто со други закони и се утврдени во надлежност.“

Во иницијативата се цитира членот 9 од Законот за царинската управа кој се компарира со одредбите на членот 44 став 1 и членот 45 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, од аспект на тоа што Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи сметано од 5 јуни 2015 година. Оттука произлегува дека оспорениот дел од членот 9 од Законот за царинска управа упатува на пропис што веќе не е дел од правниот поредок и од тие причини се укинува.

Судот укина одредби од Законот за контрола на квалитет на земјоделските и прехранбените производи во надворешно трговскиот промет, како и одредба од Законот за животна средина која предвидува утврдување и наплата на јавни приходи од Законот за животна средина. Укинувањето е поради мали технички неусогласувања.

Уставните судии денеска донесоа одлука за поништување на уште една одлука за Детален урбанистички план за Општина Центар донесена од општинскиот Совет во март 2017 година, со која мнозинството советници изгласаа поништување на два урбанистички планови за Голем ринг во општина Центар од 2012 година. 

На денешната седница беа укинати и членот 22, став 1, точка 5 од Законот за приватно обезбедување, како и членот 130, ставовите 3 и 4 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.