Македонија
27. September 2023 - 16:43

Уставен го укина Упатството за водење на матичните книги, графата за националност не е во согласност со Уставот

Графата националност веќе нема да стои во изводите за родени. Уставниот суд со мнозинство гласови го поништи Упатството за водење матични книги потпишано од министерот Лога во мај годинава. Судот ценел дека одлуката е спротивна на Уставот, бидејќи не бил испочитуван законски утврдениот рок за објавување во службен весник.

Конечната одлука на судиите им остава простор на сите кои добиле вакви изводи , сами да побараат нивно поништување во рок од шест месеци откако одлуката на Уставен суд ќе биде објавена.

Министерот Лога пак денеска одлучи да не коментира ништо за одлуката на уставните судии, се што имал ќе кажел утре на брифинг со новинарите.

Откако Уставниот суд по сопствена иницијатива одлучи да поведе постапка и во јули изрече времена мерка со која се стопираше издавањето на изводи онака како што пропиша Лога, министерот се закани дека ќе ги оспори сите акти кои не биле објавени во уставно пропишаниот рок од 7 дена во Службен весник. Досега поднесени се вкупно 20 иницијативи и од Лога и од министерството за правда, а Уставниот суд веќе постапува по дел од нив.

Инаку во процедура е и иницијативата со која беа оспорени три одредби од Законот за водење матична евиденција , но поради немање мнозинство за време на гласањето, постапката остана отворена.