-->
-->
Успешно гостување на шампионот во Благоевград
-->

Вардар го впиша седмиот триумф во деветиот пријателски дуел против бугарскиот прволигаш Пирин.
Денеска на стадионот „Христо Ботев“ во Благоевград, нашиот клуб по само три минути игра, со единствениот погодок на средбата, дело на Јасир Асани, забележа победа од 1-0.
Мечот почна со минута молчење, во чест на великанот на светскиот фудбал, Јохан Кројф. Првата прилика за гол, нашите играчи ја создадоа уште во воведните 60 секунди игра. Спировски изведе слободен удар од левата страна, нафрлувајќи на втората статива, каде што Ќеран имаше неуспешен обид со глава да ја погоди противничката мрежа.
Меѓутоа, веќе во наредната акција Вардар поведе со 1-0. Стрелец на погодокот беше Јасир Асани, кој со прецизен удар од околу 20 метри го матираше домашниот голман, Минев.
По точно половина час игра, расположениот Асани имаше можност и по вторпат да се запише во листата на стрелците, но за жал не успеа на време да го стигне додавањето од Брдаровски, кој претходно имаше одличен соло-продор по десната страна.
Пет минути подоцна, домаќините се обидоа преку еден брз контранапад да го израмнат резултатот. Главниот креатор на играта во составот на Пирин, Илија Карапетров го уфрли по десната страна напаѓачот Мартин Тошев, но нашиот голман Томе Пачовски навреме го напушти шеснаесетникот и ја исфрли топката во корнер. Воедно, тоа беше последниот возбудлив момент во првото полувреме.
На самиот почеток од вториот дел, „црвено-црните“ имаа нова шанса да дојдат до уште поубедлива предност. Којашевиќ изведе слободен удар од десната страна, а нововлезениот Грозданоски биеше со глава крај левиот дирек.
Набргу потоа, домашниот тим се обиде да возврати преку Генов, кој во два наврати едноподруго биеше надвор од рамките на нашиот гол. Истиот играч во 70. минута од средбата имаше две нови прилики, но овојпат нашиот голман Гачевски, кој застана меѓу стативите на стартот од второто полувреме, со помош на одбраната интервенираше на висина на задачата.
Во последните 15 минути од мечот, вардарци играа со човек помалку на теренот. Дефанзивецот Мијушковиќ поради болки во рамото беше приморан да се упати кон соблекувалната, а останатите резервни играчи на Вардар, веќе беа влезени во игра.
И покрај тоа, избраниците на стратегот Гоце Седлоски смело ги издржаа нападите на противникот и на крајот славеа резултатски минимална, но заслужена победа од 1-0.
Нашите играчи вечерва се враќаат во Скопје и продолжуваат да се подготвуваат за наредниот првенствен меч против тимот на Шкупи, кој се игра в недела на 3 април, на стадионот во Чаир.
ОФК ПИРИН – ВАРДАР 0-1
Стадион: „Христо Ботев“, во Благоевград
Главен судија: Ивајло Стојанов; Помошници: Велислав Миленков и Мирослав Максимов (сите од Бугарија).
Стрелци: Асани 3 – Вардар
Жолти картони: Николов 27, Сандански 76 – Пирин; Мијушковиќ 50, Спировски 83 – Вардар.
ПИРИН: Минев, Вијачки, Николов, Попев, Башлиев, Дјаков, Костадинов, Благов, Младенов, Карапетров, Тошев.
Играа уште: Ганев, Сандев, Бенгјузов, Божинов, Сандански, Маркињос, Наков и Генов.
ВАРДАР: Пачовски, Попов, Таневски, Грнчаров, Брдаровски, Спировски, Фелипе, Асани, Ќеран, Глишиќ, Стојков.
Играа уште: Гачевски, Мијушковиќ, Којашевиќ, Денковски, Грозданоски, Љамчевски, Ивановски и Петковски.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-

ДУИ бара бадентер во Уставен – за Гаши тоа не е табу тема
-

Кујната во РЕК Битола затворена – Над сто работници со симптоми на труење со храна
-

Заловени македонски бикови кои влегле во Бугарија
-

Од утре започнува целосна реконструкција на Платежната агенција – вработените таму треба да се преселат до крајот на годината
-

Минчев од Брисел: Работиме на реформите за ЕУ, но и на заштита на македонскиот идентитет
-

Меланија Трамп се прошета со хуманоиден робот
-

Преглед на вестите од светот
-

Пратенички прашања – опозцијата обвинува за економска криза, власта тврди дека се превземаат мерки
