Македонија
7. December 2025 - 16:36

УЈП: Секоја четврта фирма не издава фискални сметки

При секоја четврта контрола, инспекторите од УЈП констатираат неиздавање фискални сметки.

-До крајот на ноември годинава Управа за јавни приходи (УЈП) веќе спроведе околу 4.000 контроли за регистрирање на готвинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година. Притоа изречени се над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници изречени се мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување објект, велат од Управата.

Во пресрет на новогодишните празници, инспекторите биле на 3.500 советодавни посети по продавници и угостителски објекти за да ги информираат за најчестите неправилности, со цел навремена корекција и нивно усогласување. 

Иако на советодавни посети, инспекторите констатирале –

Фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавуваат оштетени пломби, а кај одреден број обврзници беше детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено беше и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи, велат од УЈП.

Од управата најавуваат дека во наредниот период ќе има засилени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет, а главен фокус ќе им бидат угостителските објекти.