Македонија
7. February 2023 - 16:34

Учениците од Македонија се на безбедно, Македонија ја демонстрира хуманоста на дело

Осумте македонски ученици и нивниот наставник кои беа затекнати од разорниот земјотрес во Турција, веќе се на безбедно. Сите се во добра здравствена состојба. Вечерва ќе останат во Анкара, а утре ги чека 15 часа пат со автобус до Скопје, потврди шефот на дипломатијата.

Нашиот дипломат ми испрати слика заедно со наши соученици, сите се здрави, добри и веќе се тргнати кон Анкара. Сликата покажува дека се во добро расположение, траумата што ги погодила ќе ги следи, но ги очекуваме да стигнат во Скопје, па ќе се грижиме за нив.“ – Бујар Османи, министер за надворешни работи

Земјава ќе и помага на Турција и со пари и со луѓе. Од државниот буџет одвоени се 100 илјади евра, а тимови од Армијата, Дирекцијата за заштита и спасување и пожарникари се на пат до најпогодените подрачја. Министерот за здравство ги повика лекарите да се пријават и да помагаат во лечењето на повредените од земјотресот. Премиерот, пак, вети помош и за Сирија.

На скопскиот плоштад отворен е пункт за донации. Таму стотици граѓани донирале облека, обувки, покуќнина, конзервирана храна и пијалоци.

Оттука донациите ќе заминат за Истанбул, по што ќе се транспортираат кај најзагрозените. Организаторите се среќни поради големиот одзив.

Овде сме поради земјотресите во Турција. Ние сме заедница на турските студенти во Македонија, а целта ни е да собереме што е можно повеќе помош за да ја испратиме на луѓето на кои им е најпотребна најбрзо можно. Македонците многу помагаат, добивме многу помош и за тоа сме многу среќни бидејќи гледаме обединетост и солидарност во вакви времиња.“ Ардам Демирел, турски студент

Од телефонските јавувања на 143 400 и од жиро сметките за донации, досега се собрани околу 1.500 евра, велат од Црвениот крст. Оттаму активирале и дел од резервите, доколку од турска страна биде побарана и материјална помош.

На турската полумесечина денеска понудивме две илјади пакети храна, две илјади пакети средства за хигиена и уште пет илјади ќебиња. Тоа преведно во товар, би значело пет камиони натоварени, но чекаме на такво барање од турската полумесечина. Сепак некој таа помош таму да ја прими, да има намена и да знаеме каде оди.“ – Саит Саити, генерален секретар на Црвен Крст

Финансиска помош и пожарникарски тимови испраќаат повеќе градови ширум Македонија. Од градот Скопје денеска испратија екипа од противпожарната бригада, а за утре е најавена и вонредна седница на која ќе бидат одвоени 100 илјади евра за Турција и Сирија.