Балкан
13. August 2022 - 16:34

Три дена жалост по масакрот во Цетиње

Единаесет лица беа убиени а шест повредени  во синоќешниот напад во Цетиње. Напаѓачот, кој на крајот бил убиен од локален жител, пукал со ловџиска пушка. Меѓу настраданите има и две малолетни деца.

Според првичните информации на истрагата, убиецот најпрво ги застрелал своите станари, мајката и двете деца, а потоа излегол од куќата и почнал да пука кон соседите и роднините.

Според очевидци, на полицијата и требало долго време да го совлада напаѓачот.

Телото на убиецот е предадено на обдукција. Вештаците треба да утврдат како е извршено убиството и дали е пукано од едно оружје, пренесуваат тамошните медиуми.

Полицијата се уште трага по жителот на Цетиње кој го убил напаѓачот. Според информациите од црногорските медиуми, тој преговара со полицијата да се предаде, доколку високиот државен обвинител одлучи да не му одреди притвор.

Граѓаните на Црна Гора, пак, го слават како херој кој спречи бројот на жртвите да биде уште поголем.

По повод трагедијата што се случи во Цетиње, во Црна Гора е прогласена тридневна жалост.