Трезорот работи, а буџетот е во одлична кондиција, вели министерката за финансии
Буџетот е во одлична кондиција, вели министерката за финансии.
Државата има пари за се’ и сите исплати се одвиваат навремено. Само во петокот биле исплатени речиси 50 милиони евра, од кои најголемиот дел за блок дотации за образование, каде е вклучено и к-15.
Според министерката, Трезорот функционира нормално, а 15-ти декември бил даден само како рок до кога институциите треба да ги достават налозите за исплата, за да може навреме да се испланираат сите обврски до крајот на годината.
Таа појасни дека налозите во Трезорот стојат и по две недели поради дополнителни проверки, а истовремено даноците се собираат до 25-ти во месецот, па нема логика Трезорот да се затвори.
- Трезорот прима налози до 15-ти, што не значи дека ако некој задоцнил, но има и исклучоци, дека нема да ги примаме. Како може, што затвораме и ќе одиме на скијање? Ќе го затвориме и заминува цел трезор. Мислам дека е многу несериозно да се каже трезорот затвора. Не. Трезорот ги прибира налозите со цел подобро да се организира до крајот на годината. Навистина е несериозно, како ние сега ајде клуч ќе ставиме на министерството и ќе одиме на зимување. Не е така. Трезорот ќе си работи до 31-ви и тоа вообичаено трезорот е единствениот сектор во министерството којшто останува до 7, 8, па имало години и до 11 часот навечер кога трезорот работел, изјави Кочоска.
Вчера и премиерот Мицкоски рече дека е добро институциите да го почитуваат рокот, но ќе има толеранција и тие што ќе достават налози подоцна нема да бидат одбиени.
Инаку исплата на сите буџестските корисници, како и помошта за граѓаните и фирмите, вклучувајќи го и повратот на ДДВ, според закон, се вршат од Трезорот до 31 декември.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
