Македонија
30. November 2023 - 16:52

Тренчевска: Мерките не се предизборен поткуп, туку реална помош

Антикризните мерки не се предизборен поткуп, туку реална помош за оние на кои им е најпотребна. Ова е ставот на министерката за труд откако вчера дел од пензионерите изјавија дека мерките се маргетиншки трик за да се добие глас повеќе.

Не се задоволни само 5 месеци да добиваат помош, тука бараат системско решение и линеарно зголемување на пензиите. Тренчевска вели – не очекувам сите да се задоволни, секогаш ќе има некој што бара повеќе.

- Голем број пензионери, се задоволни со финансиската помош што ќе ја даде Владата. Од 336 илјади пензионери не очекуваме дека секогаш сите ќе поддржуваат одредена политика на Владата. Ова не е пакет мерки со финансиска помош на граѓаните пред изборите, туку е наменета во периодот кога имаме зголемени трошоци за енергенси секој во семејството, кога сѐ уште ги чувствуваме последиците од енергетската и ценовната криза, така што е наменета за поддршка на граѓаните, нагласи Јованка Тренчевска, министер за труд.

Опозицијата пак тврди – мерките се потценување на народот, посебно на пензионерите и студентите кои ќе земаат трошки во споредба со функционерските плати.

- Па така оваа краткорочната помош на владата на СДС за пензионерите, студентите и средношколците нема споредба со покачувањето на функционерските плати, со оглед дека 78 проценти покачување на функционерските плати, се многу повеќе од 1.500 денари кои Владата и Ковачевски ќе им ги даваат на пензионерите и студентите, е само уште еден неуспешен обид за масовен изборен поткуп преку користење на државните ресурси - изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку пензионерите и лицата кои примаат надомест, како самохраните родители, родителите на лицата со попреченост, не треба да аплицираат за помошта. ПИОМ и Министерството за труд веќе имаат евиденција.

Нив парите ќе почнат да им се исплаќаат од средината на декември. Начинот пак за учениците и студентите како да стигнат до бараната помош, се уште не е познат. Тренчевска очекува да се објави деновиве.