Македонија
3. October 2023 - 16:43

Тренчевска им порача на пензионерите да заборават на линеарно покачување на пензиите

Пензиите нема да пораснат линеарно, вели министерката за труд. Работната група не разговара за зголемување на пензиите, туку ќе предлага анти-кризни мерки за најсиромашните пензионери. Извештајот треба да биде готов неделава и ќе биде разгледан на следната владина седница. 

„Меѓу тие мерки нема линеарно зголемување затоа што линеарното зголемување не оди во прилог на сите пензионери. Ќе продолжиме и понатаму да разговараме со пензионерите, меѓутоа не за линеарно покачување“ – Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјала.

Според Тренчевска, сегашната методологија за пресметка е добра затоа што за година и пол пензиите пораснале за 24%. Притоа, тврди дека се води сметка за буџетот на фондот за пензиско, чија дупка е намалена од 47, на 33%.

Но, пензионерите не отстапуваат. Напротив, ги зголемија барањата и најавија масовни протести во Скопје.

„Социјалните пакети нека ги остават за социјалните случаи. Ние си го бараме нашето. Тие 3.500 денари сега прераснаа во 5 илјади денари, со заеднички став на иницијативниот одбор од Република Македонија. Се планира голем семакедонски бунт“ – Верче Јанческа, пензионерка.

Вчера пензионерите на своите сметки ги добија покачените пензии за 5.3%. Со тоа, најсиромашните земаа 700 денари плус, а корисниците на највисока пензија 3.700 денари.