Свет
12. December 2017 - 9:02

Трамп: По нападот во Њујорк, итна имиграциска реформа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападот во Њујорк, извршен со рачно направена бомба од страна на маж од Бангладеш, покажува дека Конгресот итно треба да донесе закон за имиграциска реформа. 

Трамп наведе дека осомничениот за нападот влегол во САД на основа на семејна имиграциска виза, користејќи ја американската политика позната како семејна миграција, за која американскиот претседател заклучи дека „не е во согласност со националната безбедност“.

Претходно и портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс рече дека експлозијата на бомбата во њујоршката подземна железница покажува потреба за „имиграциска реформа“ и наведе дека Конгресот треба да соработува со Трамп, истакнувајќи ја потребата за „заштита на американските граници“.

Комесарот на њујоршката полиција Џејмс О’Нил соопшти дека експлозијата во подземната железница е поврзана со тероризам.

Безбедносните органи посочуваат дека извршителот нашол инспирација во терористичката група Исламска држава, но дека нема докази за директен контакт со таа група.
       
Американските власти како сторител на нападот го посочија 27-годишниот Акајед Улах од Бангладеш, за кого наведуваат дека во САД дошол пред седум години со повластена виза за луѓе чии роднини се американски државјани или имаат дозвола за траен престој.

Улах е единствениот повреден во експлозијата на бомбата, а уште три до четири лица побарале лекарска помош од повреди што ги здобиле при општата паника која настанала во подземниот тунел меѓу метро станиците Тајмс Сквер и Порт Ауторити.

Според телевизијата Си-Би-Ес, Улах носел две експлозивни направи, од кои едната  била прицврстена на неговото тело. Една од бомбите делумно експлодирала додека бомбашот ја носел, нанесувајќи му тешки повреди поради кои бил хоспитализиран.

Полициските тимови успеале да ја отстранат другата експлозивна направа од неговото тело, по што му била укажана лекарска помош.

Властите во Бангладеш трагаат по роднини и евентуални соучесници на Улах. Во меѓувреме, тие соопштија дека Улах во својата родна земја немал криминално минато.