Трамп изјави дека во американски напад е убиен лидерот на нарко-картелот „Трен де Арагва“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во напад на САД е убиен лидерот на транснационалната криминална група „Трен де Арагва“.
„По моја наредба, Јужната команда на САД изврши брз и смртоносен кинетички напад за успешно елиминирање на Нињо Гереро, озлогласениот лидер на ’Трен де Арагва‘, една од најкрволочните терористички организации на планетата Земја“, соопшти Трамп во објава на својата платформа Truth Social, која содржеше и видео на кое наводно е прикажан нападот.
Трамп додаде дека „оваа акција беше координирана во блиска соработка со нашите пријатели во Венецуела, со кои работиме многу добро“.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека нападот бил извршен врз „комплекс на ’Трен де Арагва‘ во Венецуела“ претходно оваа недела.
„Операцијата ја нагласува заедничката посветеност на САД и Венецуела да ја водат борбата против наркотерористите и да им го одземат секое безбедно засолниште на нашата хемисфера“, додаде Хегсет во објава на X.
Френсис Донаван од Јужната команда на САД (SOUTHCOM) им се заблагодари на „венецуелските безбедносни сили за нивната поддршка во успешната заедничка операција против комплексот на ’Трен де Арагва‘, која резултираше со смрт на лидерот на нарко-терористичката организација, Хектор Рустенфорд Гереро Флорес, познат како ’Нињо Гереро‘“.
„Гереро беше баран бегалец, обвинет од Министерството за правда на САД за нарачување, раководење и олеснување на акти на тероризам и насилство во Соединетите Држави“, додаде Донаван.
„Трен де Арагва“, која се смета за најмоќна банда во Венецуела, е поврзана со трговија со дрога, изнуда, нелегално рударство и шверц со луѓе, а ги прошири своите операции и во други латиноамерикански земји и во САД. Администрацијата на Трамп ја прогласи групата за терористичка организација на почетокот на оваа година.
Трамп порача дека „терористите на ’Трен де Арагва‘ повеќе немаат безбедно засолниште во Венецуела или каде било на друго место и, под мое водство, ќе ги најдеме овие брутални убијци и нарко-босови во кое било време, на кое било место, и ќе ги испратиме во длабочините на пеколот каде што припаѓаат“.
Администрацијата на Трамп презеде вонредни мерки против она што го нарекува „нарко-тероризам“, вклучително и со извршување напади врз бродови во Карибите и источниот Пацифик за кои постои сомневање дека шверцуваат дрога. Според податоците на Јужната команда, повеќе од 200 лица осомничени за трговија со дрога се убиени во такви напади откако почнаа во септември.
Венецуела, која е богата со нафта, се наоѓа во фаза на политички превирања откако САД го соборија Николас Мадуро на почетокот на годинава.
Ново на Сител
-

ЕУ ќе почне пристапни преговори со Украина и Молдавија
-

Трамп изјави дека во американски напад е убиен лидерот на нарко-картелот „Трен де Арагва“
-

Сончево со мала до умерена локална облачност
-

Сиљановска: Оставете не да се европеизираме
-

СП 2026: Еуфорија во БиХ пред првиот натпревар, поддршка даде и американски генерал
-

Нетанјаху: Иран нема да добие нуклеарно оружје додека сум јас премиер
-

Николоски: Договорена директна авиолинија Анкара-Скопје и карго железничко поврзување
-

Американско-израелскиот мировен меморандум може да биде потпишан во недела во Женева
