Македонија
1. February 2016 - 15:38

Томаж Пандур ќе го режира „Кралот Лир“ во МНТ за 400 години од смртта на Шекспир

Словенечкиот режисер Томаж Пандур, кој  десет години активно соработува со театри во Мадрид, ќе ја режира Шекспировата трагедија „Кралот Лир“ во Македонскиот народен театар. Премиерата се очекува во август и ќе биде посветена на 400 години од смртта на светскиот драматург.

На крајот од месецов ќе биде избрана актерската екипа, а во наредните два месеца активно ќе течат пробите за претставата. 

Пандур денеска имаше средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на која присуствуваше и директорот на МНТ Дејан Пројковски.  Како што соопшти Министерството за култура, гостинот-режисер искажал големо задоволство од техничко-технолошките можности на новиот објект на МНТ и посочил дека има одлична соработка со нашиот национален театар каде почнале подготовките на „Кралот Лир“.

- Словенечкиот режисер на средбата истакна дека културата за секоја држава претставува бренд, а особено важни се и поддршката и заложбите да се брендира македонскиот театар, кој има свои специфики и особености кои го издвојуваат во регионот. На средбата стана збор и за можностите за поинтензивна промоција на Македонскиот народен театар во светските метрополи, меѓу кои и во Мадрид, соопшти Министерството за култура.

Министерката Канческа-Милевска го информирала гостинот за интензивната поддршка од Владата и од Министерството за култура во областа на театарската дејност, каде што се реализираат крупни инфраструктурни зафати.

- Ги посочи и успесите на националниот театар на чија сцена режираат еминентни имиња од европскиот и од светскиот театар, посочува Миистерството за култура за средбата на Канческа-Милевска со Томаж Пандур.