Тестот на обвинетата Димитровска го полагал друг, а таа му пишала порака дека ќе чести ручек
Злато си, частам ручек- му напишала на Ватсап поранешната антикорупционерка Татјана Димитровска на Миле Столевски откако и го положил во нејзино име безбедносниот сертификат, за кој и двајцата седат во обвинителна клупа.
Со овие пораки обвинителството ќе докажува компјутерски фалсификат. Според пораките кои се читаа денеска во судницата, обвинетата Татјана Димитровска имала безбедносен сертификат кога работела во Завод за ревизија, но откако влегла во ДКСК и бил потребен нов.
Обвинетиот Столевски ја прашува дали да и полага на ново, на што Димитровска одговара потврдно и му посакува среќа. По два часа и го испраќа порака со ПДФ фајл од електронскиот безбедносен сертификат со нејзиното име и позицијата во ДКСК и и вели со среќа. Димитровска му одговара ајде нека ни е, злато си.
“Обвинителството со изведување на овие пораки, докажа дека лицето Миле се приклучил на веб сајтот неовластено, ги дава податоците и го полага тестот во име и за сметка на друго лице.”
Според одбраната на Димитровска, пораките изведени во судницата не претставуваат кривично дело.
-Се работи за квиз тест, кој е од таков формат кој нема строга форма и не е забрането сето ова што денеска го видовме на ниво на комуникација.
Во исто време беа презентирани и пораки помеѓу обвинетата Билјана Петровска Мантева, вработена во ТЕЦ Неготино која му ги испраќала на поранешниот директор Небојша Стојановиќ во кои го известува дека е отворена истрага за набавката на мазут. Беше презентиран принт скрин во кој таа фотографирала наредба од БЈБ и му ја испратила на Стојановиќ.
-Податоците кои обвинетата Билјана ги прави достапни на лице кое не било повикано во таа фаза кога биле споделени дека претставуваат повреда, односно одавање на службена тајна, затоа што лицето според податоците и доказите кои ние ги имаме, сметаме дека во тој временски период не би смеел да има допирна точка.
Адвокатката на обвинетата Петровска Мантева вели, му испраќала пораки на Стојановиќ бидејќи се уште бил директор на ТЕЦ Неготино и и бил надреден. За документите од БЈБ кои му ги пратила, не пишувало строго доверливо.
Судењето продолжува на 30ти април.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
