Терористички напад во Сиднеј: Најмалку 12 мртви на плажата Бонди за време на прославата на Ханука

Најмалку 12 луѓе, вклучувајќи и еден од напаѓачите, загинаа, а 29 се повредени во вооружен напад на познатата плажа Бонди во Сиднеј, соопшти полицијата.
Две вооружени лица денеска отворија оган за време на преполн јавен собир по повод првиот ден Ханука.
Полицијата соопшти дека еден осомничен бил смртно застрелан од полицајци, додека вториот е уапсен и сè уште е во критична состојба. Меѓу повредените има и двајца полицајци.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека масовното пукање било „дизајнирано да ја таргетира еврејската заедница на Сиднеј на првиот ден од Ханука“.
– Она што требаше да биде ноќ на мир и радост, прославена во таа заедница со семејствата и поддржувачите, беше уништено од овој ужасен злобен напад, рече Минс на прес-конференција, опишувајќи го пукањето како терористички напад.
Сведоци изјавија за австралиските медиуми дека стотици луѓе се собрале на плажата Бонди за да го одбележат почетокот на еврејскиот празник Ханука.
Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека „гнасни терористи“ ги нападнале „Евреите кои отидоа да ја запалат првата свеќа на Ханука на плажата Бонди“.
„Срцето на целата нација Израел прескокнува во овој момент, додека се молиме за закрепнување на повредените и за оние кои ги загубија животите“, додаде Херцог. Тој нагласи дека Израел постојано повикувал на акција за справување со „огромен бран“ на антисемитизам што го зафаќа австралиското општество.
Полицијата на Нов Јужен Велс, исто така, соопшти дека специјални единици испитуваат голем број сомнителни предмети во околното подрачје и дека е воспоставен безбедносен кордон. Јавноста е повикана да се држи настрана, а полицијата ја опиша ситуацијата како операција што е во тек.
Инаку, денеска е првиот ден Ханука. Со заоѓањето на сонцето започнува еврејскиот празник на светлината, Ханука, кој трае осум дена и ноќи, во текот на кои еврејските семејства палат менора со осум главни гранки и една помошна гранка. Овој празник ја прославува победата на Евреите над окупацијата и го одбележува чудото на светлината кога маслото во Храмот траело цели осум дена. Централен чин на прославата е палењето на свеќичките во осмокракиот свеќник ханукија (менора), симболизирајќи го повторното воспоставување на верските слободи. Во моментот на нападот во Сиднеј, Евреите се собирале за да ја запалат првата свеќа на празникот.
МИА
Ново на Сител
-

УХМР: Утре променливо облачно со дожд, на повисоките места снег
-

Приведени шест возачи, управувале возила иако имаат мерка „забрана за управување моторно возило“
-

Мицкоски: Постигнат е договор, околу 11 000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година
-

Во угостителски објект во Скопје на подрачјето на Центар се точел алкохол на малолетници, приведено едно лице
-

10 возачи управувале возила без возачка дозвола, ќе им бидат поднесени кривични пријави
-

Зеленски ја потпиша одлуката за нови санкции против рускиот воено-индустриски комплекс
-

Мицкоски: Направивме храбар, историски чекор, очекувам администрацијата да ги подобри услугите кон граѓаните и бизнисот
-

Николоски: Институциите ќе започнат постапка за конфискација на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец
