Македонија
21. February 2024 - 16:53

Тарифникот за геодетски услуги е маска за енормното зголемување на услугите на Катастар

Новио Тарифник за геодетски услуги е маска за енормното зголемување на услугите на Катастарот, обвинуваат од Геодетската комора.

Велат дека промените во Тарифникот се носат на нивно барање бидејќи цели 10 години цените биле исти и покрај растот на целокупните трошоци. Меѓутоа, геодетите се уште немаат пресметка што ова ќе значи за граѓаните и колку тие ќе плаќаат поскапо.

-Се обидов, немаме баш некоја средна вредност. Беа излезени некакви наслови дека поскапувањето е 300%, значи, не е тоа – тоа. Зависно од услугата тоа е поскапување од 50, 70, а мислам дека пресметкав од максимум 90% поскапување, вели претседателот на Комората, Никола Рибароски.

Геодетската комора, согласно закон, ги издава лиценците за компаниите кои издаваат геодетски услуги. Меѓутоа, од Комората обвинуваат дека Катастар се обидува да направи „паралелни“ компании бидејќи и самата Агенција почнала да издава свои лиценци со потпис на директорот. Тоа во пракса би значело дека компаниите ако сакаат да ги поседуваат двете лиценци ќе имаат трошоци како да се две фирми.

Од комората предупредуваат дека воведувањето на „паралелни“ лиценци ќе направи хаос, особено при конкурс на тендери од јавни институции.

-Било која јавна институција, било која општина објавува тендер. На било кој тендер основ услов што се однесува на нашите компании е лиценцата. Сега замислете, ќе се јавите вие, ќе се јавам јас. Едниот ќе оди со оваа лиценца, другиот со оваа... Знаете... тоа ќе настане забуна од невидени размери, вели Рибароски.

Директорот на Катастар, Борис Тунџев трет ден го нема никаде. Денеска имале конференција со гости од странство и поради тоа не излегувал јавно да објасни зошто граѓаните ќе плаќаат многу поскапо за катастарските услуги.

Катастарот за најмалку трипати го поскапи впишувањето на нови станови. Досега наеднаш можеа да се впишат квадратурата, заедничките простории, земјиште, подруми, гаражи. Сега граѓаните за секоја ставка посебно ќе треба да платат по 1.250 денари + 600 денари за нотарски услуги.