Македонија
19. May 2024 - 16:34

Таравари: ВРЕДИ во Владата ќе има 6 министерства и претседател на Собрание

Коалицијата ВРЕДИ во новата Влада ќе има 6 министерства и претседател на Собранието. Во интервју за косовската радио телевизија Таравари не открива детали кои ресори ќе ги превземат бидејќи преговорите се во тек, а кадровските решенија се очекува да бидат официјализирани до крајот на следната недела.

Верувам дека една од трите главни функции на државата, односно претседателот на парламентот, ќе продолжи да биде Албанец и значителен број министри, особено за оние области каде што имаме експерти. Ние како партија ‘Вреди’ ќе ги именуваме. Планирано е конституирањето на Собранието да се случи некаде на крајот на овој месец, на крајот на мај, а во меѓувреме кон крајот на следната недела да имаме кадровски избори и програма на владата. Кога ќе се конституира парламентот, претседателот на државата мора да го даде мандат за фформирање влада. Во првата половина на јуни, сигурно ќе имаме нова влада“, рекол Таравари за РТК.

За разлика од ВРЕДИ, од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат никакви информации поврзани со преговорите. Оттаму по првата средба на работните групи која се одржа во четвртокот писмено информираа дека разговорите се водат според утврдените програмски цели како што се забрзан економски развој, борба со криминалот и корупцијата и динамизирање на евроинтеграциите. Истиот ден лидерот на партијата Мицкоски информираше дека Коалцијата веќе има обезбедено апсолутно мнозинство во Собранието преку поддршка од 61 пратеник, а со преговорите со ВРЕДИ се цели кон двотретинско мнозинство.

Преговорите помеѓу работните групи на двете коалиции се очекува да се продолжат од утре.

И додека разговорите траат, вчера во Косово Касами, Таравари, Меџити и Гаши се сретнале со косовскиот премиер Курти.

Според пишувањата на косовските медиуми во фокус на средбата биле   прашања од значење за Албанците во Македонија, руското и српското влијание, развојот на инфраструктурата што ги поврзува Косово и Македонија.

Курти им го честитал и изборниот резултат на 8 мај, потенцирајќи дека ова е прв пат албанската опозиција да освои над 100 000 гласови