Македонија
27. February 2024 - 16:43

Таравари и Димитриевски вечерва со над 10.000 потписи за кандидат за претседател

Освен Бујар Османи од ДУИ, до крајот на денот се очекува кандидатура за шеф на државата преку поддршка на граѓани да објават и Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари од обединетата албанска опозиција „Вреди“.  Најкратко време за собирање на потписи потроши Таравари, кој всушност потписи почна да собира од вчера.

Од тимот на Османи пак, сметаат дека Таравари има проблем во поддршката од граѓаните.

Од ДУИ и понатаму бараат претседател Албанец кој би се избирал во Собранието со 2/3 мнозинство и Бадентер, ветување и идеја на Ахмети уште пред неколку години, и дека тоа е всушност прогресивна идеја, бидејќи не иснсистирале само на етничка приподност туку и на квалитет.

Засега ваквата идеја не поминува кај двете најголеми македонски партии кои велат дека не се загрижени за цензусот во вториот круг доколку ДУИ не излезе со јавна поддршка за некој од кандидатите.

Сигурни дека и Ванковска ќе ги собере потребните 10 илјади потписи се и во Левица.

 „Нема паѓање на кондиција, дечки! Продолжуваме и денес со истата посветеност на терен. Темпото е сигурно и за неколку дена сме до целта!“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Според досегашниот рапоред на силите од Државната изборна комисија, Димитреивски до синоќа имал собрано 8.400 граѓани, а Арбен Таравари над 7,5 илјади. На нив им се доближуваат Биљана Ванковска од Левица со над 6 илјади потписи и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со над 4 илјади и 700 потписи.

Останатите 6 мина кои пријавија дека ќе собираат потписи за претседателска кандидатура имаат под 700 потписи, а дел од нив се и без ниту еден потпис.

По партиските конвенции на 2 и 3 март, потписи ќе собираат и Гордана Силјановска Давкова како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ.

Рокот за собирање на потребните граѓански потписи е до 8 март.