Македонија
8. May 2021 - 16:38

СЗО ја одобри вакцината на Синофарм за итна употреба

За прв пат СЗО одобри кинеска вакцина против заразна болест. Вакцината на Синофарм произведена во био институтот во Пекинг е ставена на списокот вакцини на СЗО за итна употреба. Оваа вакцина ќе биде вклучена во Ковакс системот. Синофарм е петта вакцина против КОВИД 19 што доби валидација за безбедност, ефикасност и квалитет, по вакцините на производителите Фајзер/БионТек, АстраЗенека, Јансен на Џонсон&Џонсон и Модерна. Според последната препорака на ЕК дека само со вакцини признаени од ЕМА и СЗО ќе може да се патува во ЕУ, од сега ќе може да се патува и со примени две дози кинеска вакцина.

- Попладнево, СЗО ја стави вакцината на Пекинг против ковид-19 на списокот за итна употреба, со што стана шеста вакцина што доби валидација на СЗО за безбедност, ефикасност и квалитет. Ова го проширува списокот на вакцини што COVAX може да ги купи и ова им дава доверба на државите да го забрзаат одобрувањето на нивните регулаторни тела и да увезат и да ја дадат вакцината (на популацијата)“, рече Тедрос Аданом Гебрејезус.

Во Македонија пред една недела пристинаа 200 000 дози од Синофарм а во вакциналните пунктови во земјава вакцинирани се вкупно 84312 граѓани. Прва доза завчера примиле 10 135 граѓани. Вкупно имунизирани со една и две дози  вакцини се 104.962 граѓани.

За над 15 000 граѓани кои примија АстраЗенека во соседна Србија, се уште нема став од МЗ дали ќе можат овде да ја примат втората доза. Последниот одговор од министерот беше дека се уште е на сила одлуката помлади од 60 години да не примаат АстраЗенека и вакцината на овој производител веќе се потрошила.

Во меѓувреме Германија ја промени одлуката и дозволи оваа вакцина да ја примаат граѓани од сите возрасти. Во Канада пак властите дозволија вакцината на Фајзер-БионТек да ја примаат и деца на возраст од 12 години. Со тоа Канада стана првата држава во светот која одобрила вакцина против корона вирусот за таа старосна група, претходно дозволија за деца на над 16години. Ставот на СЗО е децата да не се вакцинираат додека не се имунизираат старите лица и ризичните групи во сите земји.