Македонија
15. April 2026 - 10:47

„Support Kocani“ обезбеди медицински креми за настраданите во пожарот во „Пулс“

Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ спроведе нова активност насочена кон помош и подршка на лицата погодени од пожарот во „Пулс“. Со средства собрани од донации, обезбедени се медицински креми за третман и нега на повредените, во вкупна вредност од над еден милион денари.

Станува збор за пакет кој вклучува креми со висок заштитен фактор, препарати за регенерација, како и специјализирани сетови за нега на кожа со изгореници.

Овие производи се внимателно избрани со цел да помогнат во закрепнувањето и подобрување на состојбата кај повредените.

Од Граѓанската иницијативата информираат дека набавката е направена во директна комуникација со засегнатите лица, при што се водело сметка за нивните реални потреби.

Дополнително, процесот е олеснет со поддршка од аптеки, кои излегле во пресрет со попусти.

Производите ќе бидат достапни за подигнување во младинскиот центар „Гнездо“ , каде што ќе се врши нивна распределба до оние на кои им се најпотребни.

Од „Support Kocani“ потенцираат дека остануваат активно вклучени во обезбедување помош и поддршка за погодените граѓани во мартовскиот пожар од 2025-та, истакнувајќи дека заедништвото и хуманоста се од исклучителна важност во вакви состојби.