Македонија
30. August 2023 - 17:08

Судскиот совет го разгледа извештајот од работната посета на Кривичен суд

Судскиот совет на Република Северна Македонија, на денешната 452-ра седница го разгледа извештајот од работната посета на Основен кривичен суд Скопје.

Координаторот за овој суд Мери Радевска, која го презентираше извештајот, рече дека извештајот има 50 страни и ќе биде објавен на веб страницата на Судскиот совет, констатира неоправдано долго водење на постапки, одложувања на рочишта во низа, неоправдано долго изготвување вештачења, и различни ставови за примената на институтот застареност и на гонење во повторената постапка. 

-  Судот на годишно ниво во 2022 и првиот квартал на 2023 година не бил ажурен. Во однос на квалитетот на работата на судот во 2022 година решени се 25 217 предмети, со огромен број за 22 955 предмети странките не поднеле, што значи дека биле задоволни со одлуката на судот, во 1 566 предмети биле потврдени пресудите, 305 укинати, 391 пресуда биле преиначени, изјави Радевска. 

Во 2022 година во Основен кривичен суд Скопје имало 63 застарени предмети од сите области, од кои 40 прекршочни и 16 кривични. 

Во однос на предметот „Ласкарци“, било констатирано дека изготвувањето на супервештачењето траело неоправдано долго.  

-  Судијата иако праќал редовно ургенции, имал можност уште со втората ургенција да укаже на можноста да се изрече казна со цел да се забрза постапката. Тука има многу ургенции, но после деветата ургенција судијата навел дека може да бидат казнети, па тие изготвиле вештачење, изјави Радевска. 

Во однос на констатирана застареност на предмети на Основниот кривичен суд, извршен бил увид во постапките за повеќе предмети, меѓу кои и за предметот за Драган Даравелски каде судијата кој постапувал по предметот, веднаш по донесување на одлуката за повторување на постапката донела решение со кое се запира постапката поради настапена апсолутна застареност на кривичното гонење. 

- Во врска со ова има различни ставови за примената на институтот застареност на гонење во повторената постапка. Во судовите на апелационо подрачје Скопје, дури и Апелационен суд Скопје се констатира застареност на кривично гонење кога постапката се повторува и тоа е спорно, изјави Радевска. 

Потребен е изедначен правен став, посочи Радевска, за примена на институтот запирање на постапката. 

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, кој исто така бил во посета на Кривичниот суд, изрази разочараност од состојбите во некои од судовите, вклучително и Кривичниот, каде има премногу одложувања на постапки.

-  Овие одложувања се најчесто по барање на колегите адвокати заради други судења, и тука е во ред можеби ако се случи еднаш или два пати, ама имаме и некои што со години се како причини истакнати од адвокатите, а се прифатени од судиите, што како резултат доаѓа до големи одолговлекувања, па за жал на крајот и застарувања на некои постпаки, изјави Георгиев. 

Изненадувачки, посочи Георгиев, е што има одложувања по шест-седум, некаде и по десетина рочишта сериски поврзани, што трае година и половина, а се одлагаат поради неприсуство на јавниот обвинител. 

-  И тоа е нели причина за одложување согласно закон, но наоѓам забелешка во делот на судиите. Немаат никаква реакција, дали до Вишото или Основно јавно обвинителство како реакција за таквото, оправдано или неоправдано однесување. Не може сериски пет-шест рочишта да се одложуваат заради недоаѓање на јавниот обвинител и на крајот постапката застарува, а последица сноси судијата. Наоѓам причина дека самите судии не преземаат доволно активности за да реагираат на таквите околоности, а ги има многу, изјави Георгиев. 

Како забелешка, Георгиев, исто така, го посочи и тоа што со годишните распореди се менува судија од една во друга материја, а останатите предмети се распределуваат на други судии и почнуваат постапките од почеток. 

Судскиот совет, на денешната седница требаше да го разгледа и извештајот од работната посета на Основен суд Куманово, но координаторот Ханиф Зендели побара извештајот да биде изложен на следната седница, со цел да може да се направат заклучоците од дополнителниот извештај.