Судири меѓу полицијата и демонстранти во Лондон
Едно полициско возило е запалено, а десетина лица се повредени во насилството што избувна во Лондон во текот на синоќешните антикапиталистичките протести против „нееднаквоста на луѓето“.
Протестите во британскиот главен град, наречени „Марш на милион маски“, беа дел од серијата демонстрации во разни делови од светот, што ги покренаа активисти на групата „Анонимуси“.
Голем број од демонстрантите во Лондон носеа т.н. наречени „Гвидо„ маски, што ги користат „Анонимусите“ и извикуваа антикапиталистички слогани.
Протестите ескалираа во насилство, откако група најекстремни демонстранти, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон на плоштадот пред зградата на британскиот Парламент, настојуваќи да излезат од трасата во строгиот центар на градот што им ја определи полицијата.
Маскираните демонстранти почнаа да фрлаат стаклени шишиња кон полицајците, а потоа и петарди и запаливи бомби, во обид да предизвикаат пожари.
Полицијата уапси 28 лица, обвинувајќи ги за повреда на јавниот ред и мир и за улично насилство. Меѓу нив се и тројца демонстранти на возраст од 35 до 55 години, кај кои полицијата откри ладно оружје- ножеви, димни гранати, канистри со гас, како и гранати со боја.
Лондонската полиција соопшти дека запаленото возило претставува „изолиран случај“ и дека не се регистрирани други такви инциденти.
Синоќешните демонстрации и насилството се случија во ноќта што во Англија, традиционално се одбележува како „Бонфајар најт“, кога по парковите и плоштадите во градовите организирано се палат логорски огнови.
Оваа традиција се одржува во знак на сеќавање на неуспешниот обид на група католички заговорници, предводени од Гај (Гвидо) Фоукс, на 5 ноември 1605 година, да го убијат кралот Џејмс Први и да предизвикаат експлозија во зградата на Парламентот во Лондон.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ
-
Годишнина од заседата кај Ваксинце
-
Христијаните го празнуваат Велики петок
-
Обичаи и верувања за Велики петок
-
Дали и кој ќе им ги врати парите на граѓаните кои платија поскапо осигурување за регистрација на возилата?
-
Дали Токсикологија е одраз на функционирањето на здравствениот систем?
-
Македонија на 36-то место на индексот за слобода на медиумите за 2024 година на „Репортери без граница“
-
Тивок бојкот или уште поголема излезност? Мицкоски уверува дека цензусот за Силјановска е обезбеден