Студен туш од Грета Тунберг на министерскиот состанок за животна средина на ЕУ
Климатската активистка, Грета Тунберг, утрово им се обрати на министрите за животна средина на Европската Унија и им порача дека амбициите и целите на ЕУ за намалување на затоплувањето на планетата се далеку од доволни.
По презентацијата на првиот европски климатски закон денеска во Брисел се одржува совет на министрите за животна средина, на кој хрватското претседателство ја покани Грета Тунберг да им се обрати на земјите членки и да го даде нејзиниот став за амбициите на ЕУ за справување со климатските предизвици.
Грета Тунберг во својот кус говор пред почетокот на состанокот ги потсети министрите дека истовремено пред зградата на Советот на ЕУ се одржува протест на млади луѓе од цела Европа кои бараат “безбедна иднина“.
-Мислам дека не бараме премногу, им порача Тунберг на министрите.
Таа оцени дека климатскиот закон предложен вчера, и кој предвидува постигнување на нула нето емисии во ЕУ до 2050 преку иновативни технологии, не е доволен според одредбите на Парискиот договор, ниту според наодите на научниците.
-Треба да вклучиме годишни емисии, не можеме да имаме цели само за 2030 и 2050, потребни ни се за 2020, ако високите емисии продолжат како сега, буџетите ќе ги снема пред да имаме шанса да ги исполниме овие цели, изјави Тунберг.
Климатскиот закон предложен од Европската Комисија се заснова во голем дел на претпоставката дека во наредните десет години ЕУ ќе успее да создаде иновативни технологии за справување со емисиите, и се заснова врз буџет кој, според научниците, дава само 50 отсто шанси за постигнување на намалување под 1,5 степен.
-Ризикуваме да го прекршиме Парискиот договор, предупреди Грета Тунберг.
Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за климатските прашања, Франс Тимерманс, одговори дека е “поголем оптимист“ во однос на развојот на потребните технологии.
Климатскиот закон предложен од Европската Комисија вчера треба да биде усвоен од страна на земјите членки и на Европскиот Парламент.
Ново на Сител
-
Уапсен поранешен помошник министер, поранешен декан и професор на Геодетскиот факултет во Хрватска
-
Палевски тврди дека власта го држи во Турција поради изборите
-
Белградски енергетски форум на 13 и 14 мај во Белград
-
Изречени 130 санкции за брзо возење на територија на државата
-
157 санкционирани возачи под дејство на алкохол
-
Фон дер Лајен најави една милијарда евра помош од ЕУ за Либан
-
Поранешниот лидер на Златна зора, осуден за водење криминална организација, ќе биде пуштен од затвор
-
Курти: Ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки