Македонија
19. May 2025 - 12:17

Струмица со план против загадениот воздух

Општина Струмица започнува четиригодишен план за подобрување на воздухот.

Во наредните четири години, Општина Струмица ќе спроведе 20 конкретни мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Новиот локален план предвидува серија активности кои вклучуваат замена на печки на огревно дрво со еколошки поефикасни топлински пумпи, субвенционирање на топлинска изолација на домовите  како и гасификација на домаќинствата. Меѓу мерките е и редовно миење и чистење на улиците, со што се очекува да се намали присуството на прашина и други штетни честички во воздухот.

Планот е структуриран по годишни времиња при што во пролетните и летните месеци се предвидени активности како изградба на велосипедски патеки, промоција на велосипедизмот и засилен инспекциски надзор врз градежните активности.

Одлуката за тоа кои мерки ќе се реализираат секоја година, како и нивното финансирање, ќе ја носи Општината согласно своите приоритети и буџетски можности.

Последната студија спроведена на територија на општина Струмица покажа дека најголем загадувач на воздухот е согорувањето на биомасата, односно употребата на огревно дрво, додека сообраќајот е идентификуван како втор најзначаен извор на загадување.