Живот
11. August 2020 - 12:26

Стартува струмичката ликовна колонија годинава за прв пат без меѓународни уметници

Започна меѓународната струмичка ликовна колонија, но за прв пат без уметници од странство. Поради пандемијата со корона вирусот 57то издание на една од најстарите колонии на Балканот се одржува со  двојно помал број на учесници и тоа само од Македонија. За дванаесетте автори кои во наредните десет дена ќе творат во Струмица обезбедени се сите неопходни улови согласно здравствените протоколи, а организаторите ветуваат дека учесниците ќе бидат безбедни.

„Просторот каде што уметниците работат и сликаат е голем простор. Значи ќе биде обезбедена дистанца помеѓу уметниците, ќе носат заштитна маска и ќе се користат средства за дезинфекција против вирусот. За прв пат оваа година ќе немаме претставници од странски автори, туку ќе бидат учесници автори од Македонија,“ вели Александар Филев – раководител на Уметничка галерија Струмица.

И покрај тоа што за ликовните уметници е голем престиж да бидат дел од струмичката колонија, многумина од нив ја одбиле поканата за учество. Стравот од зараза со корона вирусот за сите нив била главна причина за таква одлука.

„Имавме проблем, значи јас уште пред два три месеци почнав да ги поканувам луѓето од Македонија. Многу луѓе одбија да учествуваат. Замислете на пример имаше учесничка од Тетово која одби да дојде затоа што немала кола да дојде, а и било ризично да патува со автобус и јас сосема ја разбирам. Така што имаше многу уметници на кои едноставно им е страв да учествуваат,“ вели Филев.

57то издание на колонијата во Струмица ќе трае до 20ти август. Во тој период се очекува да бидат создадени нови триесетина дела во скоро сите ликовни техники. Со нив дополнително да биде збогатен фондот на колонијата кој брои над 2560 дела создаденои од околу 1400 ликовни уметници. Дел од нив биле и основоположниците на македонското современо сликарство како што се Мартиновски, Наумовски и Мазев.