Македонија
24. April 2026 - 12:25

Стартап академија ги поврза младите од Македонија и Бугарија

Во Штип стартуваше тридневната Меѓународна стартап академија наменета за средношколци и студенти од Македонија и Бугарија. Настанот се одржува на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, а фокусот е ставен на развој на претприемачки идеи, нивна надградба и практична примена.

-Академијата ќе обединува вкупно околу 50 млади кои што во овие три дена ќе работат на размена на бизнис идеи, евалуација на бизнис идеите и стекнување на вештини за презентирање на тие бизнис идеи пред стручна жири комисија, изјави Благој Трајков, координатор на Американското катче во Штип.

Учесниците преку тимска работа и менторска поддршка ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти и да учат како истите да ги претстават пред потенцијални инвеститори.

-Среќна сум што е интернационално, бидејќи разменуваме разлучни искуства и се надевам дека нашата бизнис идеја ќе биде успешна и успешно ќе ја развиеми, Ние имаме некои замисли, но ова ќе ни биде од помош да ја надоградиме, изјави Ања Ситновска, средношколка од Кочани.

-Сакам да дадам максимум од себе, ако се наложи да работиме реална работа и овде сум за да стекнам нови знења и да се запознаам со луѓето, изјави Борислав Колев, средношколец од Бугарија.

Од Универзитетот посочуваат дека ваквите иницијативи се дел од пошироката стратегија за поттикнување на претприемништвото кај младите и создавање функционален екосистем за развој на старт-апи.

-Eдна платформа во која што студентите нема само да стекнуваат академски знаења и вештини кои ќе бидат во насока на полесно вработување после нивното дипломирање, меѓутоа, многу повеќе ќе ги подготвиме нашите студенти да бидат идни бизнис лидери, успешни претприемачи и да бидат способни да креираат работни места и да основаат старт-ап компании, изјави Дарко Лазаров, проректор на УГД-Штип.

Паралелно, се работи и на воспоставување иновациски центар во соработка со локалната самоуправа и бизнис секторот, кој дополнително ќе ги поддржи младите до 29 години во нивните бизнис потфати.