ССМ со првомајски протест за повисока минимална плата, СОНК останува на дијалог

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска со протест ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, на кој ќе побара повисоки плати и подобри услови за работа.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, завчера на прес-конференција повика на масовна излезност, истакнувајќи дека работниците треба јасно да го изразат незадоволството од ниските примања, слабата заштита на работничките права и односот на институциите и работодавачите.
Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени синдикалните барања.
Во фокусот е барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.
На протестот нема да учествува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека тие се залагаат за решавање на проблемите преку социјален дијалог и преговори, наместо преку улични протести.
- Ние го избравме патот на социјален дијалог и преговори - резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го избрале тој пат, да одат на улица, тоа е нивна стратегија - рече Неделков.
Тој посочи дека како Синдикат, оваа година донеле одлука овој важен празник за работниците да го одбележат со научна конференција, каде што на највисоко ниво ќе се разговара за трудовите закони, кои се однесуваат на работниците, како и за колективните договори, нивната примена во практиката, и за предизвиците што претстојат во однос на колективните договори.
Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовен работно време.
Во знак на почит кон жртвите, во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба. Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестни маршеви.
Во земјава, 1 Мај е прогласен за неработен ден согласно Законот за празници.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот.
МИА
Ново на Сител
-

Макрон: Писмото на Зеленски до Путин е добра иницијатива за обновување на дијалогот
-

Тошковски: Граничниот премин Маркова Нога значаен за двете пријателски држави и стратешки проект за регионот
-

Четири лица осомничени за кражба на маси и столови од угостителски објект во Куманово
-

СВР Штип апелира до граѓаните да не бидат мета на измами за лажни операции на нивни блиски
-

Кривична за лице од Пласница поради оштетување прозорец на еден од вагоните на возот „Ќиро“, кој е историски предмет
-

Кривична за професор од средно училиште во Кичево, физички нападнал малолетна ученичка
-

69-годишна скопјанка додека чистела шкаф со алат пронашла предмет што наликувал на експлозивна направа
-

Европските компании масовно ја напуштаат Куба поради новите американски санкции
