Балкан
30. October 2019 - 17:59

Спиропали до Баша: Ќе ги почекаш редовните избори за да се вратиш во Парламентот

Албанската опозиција денеска побара предвремени избори, но според реакцијата, Владата е решена да го заврши својот втор мандат до крај, односно до редовните избори во јуни 2021 година.

Во реакцијата на изјавата на лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, државниот министер за односи со Парламентот, Елиса Спиропали му порача на Баша дека мора да почека до следните избори за да се врати на власт.

– Љуљзим Баша и неговото замислено мнозинство треба да ги почекаат следните избори за да се вратат во Собранието, од каде тие доброволно заминаа со наводна имагинарна победа! Владата и нашето мнозинство е изгласано да управува четири години, има многу задачи и работа да се реализираат до крајот на мандатот, почитувајќи го договорот со Албанците. Оние кои го раскинаа договорот со нивните избирачи, немаат никакво право, па дури и шанса да го раскинат и нашиот договор, напиша Спиропали на Фејсбук.

Таа додава дека Владата нема време за губење и му порачува на Баша дека со или без опозицијата, во декември ќе ги изгласаат изборните реформи, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Ние се подготвуваме за две нови сезони на битки во секоја насока и за подобра Албанија во секоја област од животот. Од друга страна, колку повеќе Љуљзим Баша и неговото имагинарно мнозинство одбиваат дијалог за изборните реформи, толку помалку време треба да губиме со нив. Во декември ќе гласаме за изборната реформа според препораките на ОБСЕ / ОДИХР и ќе продолжиме со клучните точки на процесот за европска интеграција, користејќи ја резолуцијата на Бундестагот како водечка карта, како и сите други точки од нашата програма за Албанија каква што сакаме, наведува Спиропали.

Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, денеска порача дека земјата мора да оди на предвремени избори за да има легитимен Парламент и влада.

По средбата со репортерите на Советот на Европа, тој во изјава за новинарите додаде дека „трпението на народот е при крај“ и оти е време Социјалистичката партија да размисли за злото што и го прави на земјата.