Свет
7. March 2017 - 10:37

Состанок на началниците на армиите на Турција, Русија и на САД во Анталија

Во турскиот град Анталија денеска се одржа ненајавена трилатерална средба на началниците на генералштабовите на армиите на Турција и Русија, генерал Хулуси Акар и генерал Валериј Герасимов и на првиот човек на Здружениот генералштаб на американските Вооружени сили, генерал Џозеф Данфорд.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека средбата е фокусирана на прашања поврзани со безбедноста во Сирија и во Ирак. 

Од друга страна, турскиот Генералштаб информира дека на средбата биле разгледани состојбите во Сирија и Ирак, како и прашања поврзани со регионалната безбедност.

Турските медиуми оценуваат дека оваа ненајавена средба претставува вест од „вонредно значење“.

Медимуите посочуваат дека ова е прва средба на воените врвови на трите најважни земји во регионот. Ова е првпат на една маса да седнат командантите на армиите на Турција, САД и Русија.  

Според аналитичарите, средбата на тројцата генерали се одржува во време кога состојбата во Сирија е многу критична.

Турските медиуми посочуваат дека на средбата најверојатно се разговарало за заеднички операции на армиите на трите земји во регионот.