Сомнежи за труење во ООУ „Невена Георгиева – Дуња”, 20-тина деца и наставник побарале лекарска помош
Масовно труење или стомачен вирус во ОУ Невена Георгиева – Дуња во Кисела Вода?
Дваесетина деца и еден наставник од четвртокот до вчера поради гадење, повраќање и чести дијареи побарале лекарска помош на Детската клиника и на Инфективна.
- Од четвртокот навечер до вчера 15-тина деца побарале медицинска помош на нашата клиника кои се со слична симптоматологија – гадење, повраќање, дијареа. Меѓутоа најголем дел беа со полесна симптоматологија и се пуштени на домашно лекување, само едно дете вчера е задржано на болнички третман, меѓутоа по третманот е стабилно и денеска е пуштено на домашно лекување, изјави д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.
- На инфективната клиника досега се прегледани амбулантски 5 лица, 4 деца и еден возрасен со симптоми на повраќање и дијареа. Кај сите 5 -мина немало потреба од болнички прием. Според првичната епидемиолошка анкета не е утврдена заедничка консумација на храна кај сите заболени. Претпоставувам дека надлежните институции кои треба да проверуваат кај нив во тек е утврдувањето на можниот извор. А во оваа фаза би било прерано да се шпекулира за причината, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Сомнежи за труење на социјалните мрежи изразуваат и родители чии деца учат во оваа основно училиште. Дел од нив како можна причина ја посочуваат водата.
- Вистина е, моите деца учат во Дуња и вчера бевме на детска клиника. Беше преполно со деца од истото училиште, пријавено е секаде од страна на детска клиника...пишува родител во група на ФБ.
- Ќерка ми вчера во училиште не јадела од храната, само вода пиела, ја земаа од училиште уште во 10 часот бидејќи повраќала...Кажано е дека ќе одат да земат брисеви од училиштето и се надевам дека ќе кажат реално што се случува и од што точно е ова, пишува друг родител.
Од општината Кисела Вода под чија надлежност е училиштето велат дека со големо внимание и искрена загриженост ја следат ситуацијата поврзана со неколку ученици од ООУ „Невена Георгиева - Дуња“.
- Во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да посочиме дека овие десетина ученици припаѓаат на различна возрасна категорија. Според првичните информации со кои располагаме, тие не конзумирале иста храна во текот на денот, а дел од нив, своите оброци ги имале и надвор од училишниот објект. Веднаш после прегледот, децата се пуштени дома.Надлежните институции, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје, се веднаш информирани и Општина Кисела Вода соодветно и без одложување ќе реагира и ќе ги преземе сите неопходни чекори согласно нивните напатствија и препораки, велат од општината
Но, денеска директорите на скопскиот Центар за јавно здравје и ДСЗИ кои се надлежни за вакви ситуации рекоа дека официјално кај нив нема пријави.
Дали продолжениот викенд и овој пат ја успори комуникацијата помеѓу службите?
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
