Македонија
8. December 2023 - 16:52

Социолошка анализа на реакцијата на јавноста за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Двојното убиство по сите елементи можеме да го категоризираме во монструозни убиства, дециден е социологот Ѓорѓи Тоновски. Тој оценува дека бурната реакција на македонската јавност и за време на исчезнувањето на Вања Ѓорчевска и по дознавањето дека двете лица се убиени, била сосема нормална. Напомена дека влијание врз неа имале и претходните случаи, како масакрот во Србија и петкратното убиство кај Смилковци.

„Тоа сепак не е човечко, не е хумано, не е социјално да се изврши онаков грозоморен чин на двајцата. Штом ја нема таа нишка на заедништво, таа нишка на солидарност, таа нишка на взаемна одговорност на чувство, на одговорност на секој за секого, и секој за себе, се појавуваат вакви ситуации кои не доведуваат да се фрапираме“, изјави професорот Ѓорѓи Тоновски.

Социологот Тоновски смета дека голем дел од ваквите убиства се случувале поради пропустите во безбедносниот систем во државата.

„Иако МВР покажа висок степен на подготвеност и на ангажираност, мислам дека ваквите убиства и ваквите настани во еден голем дел, се случуваат и заради пропустите коишто ние ги имаме во безбедносниот систем во републикава. Дека тоа оттуѓување коешто настана во извесна мера меѓу луѓето, тоа свртување на некоја остра форма на индивидуализам, носи и вакви последици“, изјави социологот Тоновски. 

Социолошкиот портрет на личноста којашто би извршила убиство на дете и возрасен човек, според професорот, е поврзан со деградирање на личноста во социјалните односи. Ако таа деградација започне со поситни работи, па тоа општеството неуспешно го стопира, односно неуспешно го осуди, професорот потенцира дека моралниот систем започнува целосно да се нагризува. 

„А човекот без таков систем останува соголен со своите анимални перспективи и карактеристики, а од него може се да се очекува“, кажа Тоновски.

И по двојното убиство на Вања и Панче, социјалните мрежи вријат со реакции на темата, но се формираат и групи за поддршка на осомничените. Социолозите тврдат дека вакви интересовни групи ќе продолжеле да се формираат и во иднина, без разлика дали се за или против темата.