Македонија
11. September 2017 - 12:29

Собранието ја почна 13. седница, досега две паузи

Во Собранието на Република Македонија денеска почна 13-та седница. Веднаш на почетокот на седницата претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери даде двапати пауза.

Првиот пат за обезбедување кворум, откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата и побараа од мнозинството да обезбеди доволен број пратеници за да работи Собранието правосилно.

На почетокот на седницата пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи измени по скратена постапка на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои ќе се овозможува значително зголемување на пензиите од 5 отсто линеарно на вкупнта маса, почнувајќи од јануари 2018 година. Овој предлог не го доби потребното мнозинство, по што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата петнаестина минути.

Втората пауза е дадена со цел да се обезбедат извештаите од собраниските комисии по четири точки кои се на дневниот ред на пленарната седница.

Во скратена постапка Собранието одлучи да ги носи измените на Изборниот законик, предложено од сите политички партии во Парламентот. За ова законско решение треба да се изјаснат собраниските комисии. Со измената на Изборниот законик е предвидено составот на Државната изборна комисија да биде во согласно со постоечкиот однос на партиите во Собранието.

На 13. седница, меѓу другите точки се интерпелациите на министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и за министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.