Собранието изгласа измени на повеќе закони
Собранието на Република Македонија денеска ги заокружи 117. и 123. седница и гласаше за закони и од 122 седница.
На продолжение на 117. седница го донесе Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на БиХ за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва, што беше единствена преостаната точка од дневниот ред.
Во рамки на 122 седница, пак, ги изгласа законите за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Кредитната банка за обнова (КФВ) за Договорот за кредит за Проектот за наводнување на јужниот регион на Вардар, прва и втора фаза. Се прецизира дека корисник на средствата од кредитот од членот 1 на овој закон е Република Македонија, а крајни корисници на системите за наводнување изградени во рамки на „Проектот за наводнување на јужниот регион на Вардар“ да бидат земјоделските задруги.
Отплатата на кредитот за овој проект, во вкупен износ од 6.646.794,46 евра, е почната на 30 декември 2012 година. До 30 јуни годинава отплатени се 880.000 евра. Состојбата на кредитот изнесува 5.666.794,46 евра, кои треба да бидат отплатени заклучно со 30.06.2042 година.
Поддршка од парламентарното мнозинство доби и Законот за дополнување на Законот за водостопанство. На земјоделските задруги формирани на територија каде што се системите за наводнување им се овозможува да ги користат и одржуваат тие системи. Истовремено се исполнува и главниот услов кој го бараат меѓународните финансиски институции, крајните корисници на системите истовремено да ги користат и одржуваат. На овој начин, според ресорното Министерство, ќе се овозможи ефикасно користење и одржување на системите за наводнување, изградба на нови, рехабилитација на постоечките и како крајна цел, зголемување на земјоделското производство во Република Македонија.
По гласањето за тој закон, претседателот на Собранието Трајко Вељановски ја прекина седницата и најави нејзино дополнително продолжение. На дневен ред на седницата е Предлог законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, кој ќе биде разгледан кога ќе се создадат деловнички можности.
Пратениците ги изгласаа и преостанатите точки од 123 седница, усвоија измени и дополнувања на законите за данокот на додадена вредност, за енергетика, и за Народниот правобранител.
Со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, меѓу другото, се овозможува повластена даночна стапка од пет проценти да се пропише и за пелети, печки на пелети и за котли на пелети. Воедно се брише обврската за поднесување периодичен финансиски извештај од одобрените фискални системи на опрема за регистрирање готовински плаќања, со што даночниот обврзник ќе нема обврска да го достави наведениот прилог при поднесување на даночната пријава.
Со измените на Законот за енергетика, пак, се допрецизираат постојните законски одредби за да се овозможи раздвојување на операторот на дистрибутивниот систем од вертикално интегрираното претпријатие (ЕВН Македонија) согласно постојниот Закон за енергетика и преземените обврски од меѓународните договори и иницијативи. Согласно Договорот за основање на Енергетската заедница и меките мерки во делот на електричната енергија од иницијативата за поврзување на 6-те земји од Западен Балкан, потребно е што побрзо да се формира и да функционира посебно правно лице кое ќе биде оператор на дистрибутивниот систем.
Ново на Сител
-
Извештајот за Македонија изгласан во Европскиот парламент без македонски јазик и идентитет
-
Реакција за Извештајот
-
Европратеничката Јовева со јасна порака до соседите
-
„Стануваме енергетска крстосница во регионот“ - почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција
-
Голем интерес за брзата пруга
-
Собраниска седница за Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница
-
Голем пожар во Визбегово – Населението се евакуира, приведенo едно лице
-
Преглед на вестите од светот