Македонија
6. February 2024 - 15:22

Собранието го донесе Законот за Национална развојна стратегија

Собранието денеска со 62 гласа „за“ го донесе Законот за Националната развојна стратегија, по скратена постапка.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во своето обраќање по општиот претрес посочи дека Предлог законот за Националната развојна стратегија е од особено значање за нашата држава, како и за иднината на македонските граѓани.

Тој појасни дека со изгласување на ова законско решение ќе се отвори патот за донесување на Националната развојна стратегија како хиерархиски највисок долгорочен стратегиски плански документ за национален развој на државата.

Како што посочи, Стратегијата ќе претставува сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој кој има за цел да обезбеди позитивна средина за национален консензус и долгорочни развојни приоритети за државата, кои ќе бидат клучни предизвици во наредните 20 години.

-Реализацијата на Националната развојна стратегија ќе се одвива преку шест клучни стртаешки области - првата област е одржлива, иновативна и конкурентна економија, втората област е одржлив локален и регионален развој кој ќе обезбедува кохезија, третата област е демографска ревитализација, социјален и културен развој, четвртата област е сигурно, безбедно и отпорно општество, петата е владеење на правото и добро управување, а шестата е зелена трансформација на државата, рече Мицевски.

Тој потсети дека за ова предложено законско ршеение се одржани неколку јавни расправи во Собранието.

По овој Предлог закон не беа поднесени амандмани. Предлагачи на Предлог законот беа Арбер Адеми, Атнан Незири, Диме Велковски, Јован Митрески, Љупчо Пренџов и Никола Мицевски.

По донесување на Законот, претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина 135 седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците ќе бидат дополнително известени.