Собирен центар за текстилен отпад во Штип
Во Штип започна акција за собирање текстилен отпад од домаќинствата, како дел од иницијативата за воспоставување собирен центар, чија цел е намалување на текстилот што завршува на депониите.
-Нашата идеја е ништо од овој отпад да не заврши на депонија. Она што може да се донира, ќе се донира. Од она што не може да се носи и веќе не е употребливо, ќе изработуваме нови производи, како перници за седење, перници за миленичиња, украсни перничиња и различни видови производи кои ќе се полнат со обработен текстилен материјал, изјави Дарко Шарковски, Фондацијата за развој на локалната заедница и Општина.
Потребата од ваков центар е особено голема во Штип, како град со развиена текстилна индустрија. Според податоците презентирани од Фондацијата, текстилниот отпад учествува со 35 до 40 проценти во вкупниот отпад во градот, зависно од годината.
Сепак, значителен дел од него не доаѓа од фабриките, туку од домаќинствата, каде што старата облека често завршува во контејнерите за комунален отпад.
-Интересно е што, според нашите истражувања, индустрискиот отпад е помалку застапен од отпадот од домаќинствата. Околу 57 % од текстилниот отпад доаѓа од домаќинствата. Сите знаеме колку стара облека имаме дома, во нашите плакари. Ова е начин да си ги исчистиме плакарите, но и да направиме нешто добро за локалната заедница и воопшто за животната средина, додаде Шарковски
Собирниот центар ќе го управуваат Фондацијата и Општина Штип. Неговото воспоставување е законска обврска за општините со над 30.000 жители, а Штип е меѓу првите што ја реализираат оваа иницијатива.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
