Со месеци хаусмајсторот во Општина Центар лажно се претставувал како главен инспектор
Вршел премери, издавал решенија за градба, рушел дивоградби. со месеци хаусмајсторот во општина центар лажно се претставувал како главен инспектор. Документите кои ги објави Сител покажуваат дека Кочо Стојчевски на местото раководител на инспекциските служби е поставен од градоначалникот Жерновски на 30 декември минатата година. Но во службената комуникација со останатите државни институции, Стојчевски се потпишува како инспектор месеци претходно. Овој документ од државниот управен инспекторат има датум од почетокот на декември, односно еден месец пред Жерновски да го унапреди Стојчевски што значи дека неколку месеци, општинската инспекциска служба буквално била водена од лицето кое инаку е задолжено да менува светилки во општинските канцеларии.
Според овие документи, хаусмајсторот Стојчевски лажно се претставувал како инспектор што е кривично дело согласно членот 391 од кривичниот законик и се казнува со затвор до 1 година.
За истото дело во Македонија веќе има неколку кривични постапки против лица кои решиле да облечат униформа на полицаец и да почнат да пишуваат казни за сообраќајни прекршоци. Вработените во општина Центар за Сител коментираат дека е вистинска среќа што Стојчевски не е хаусмајстор во некоја од скопските болници, бидејќи во таков случај можеби ќе се случело тој да го облече белиот мантил и да влезе во операциона сала за да изврши хируршка интервенција . Тие велат дека напредувањето на Стојчевски за неверојатни 10 позиции не е поради неговата стручност туку поради партискиот ангажман кој подразбираше настапи во кампот на СДСМ пред Владата.
Од Управниот инспекторат алармираат и за други случаи на неосновано доделување надлежности или за незаконски доделени решенија. Сличен е и случајот со Цена Видановска која беше поставена на позицијата инспектор за животна средина без да ги исполнува условите за тоа.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
