Бизнис
4. November 2018 - 8:39

Со инвестиции и поголема свесност до намалување на загубата на вода

Загубата на вода во водоводниот систем во Скопје изнесува околу 50 отсто, додека според европските и светските искуства и трендови оптималното ниво на загуби на вода се движи меѓу 20-25 отсто. Како земја кандидатка за членство во Европската Унија мораме да ги следиме овие трендови и да го достигнеме овој процент во наредните години.

Во загубата на вода влегуваат комуналната потрошувачка (за полевање јавни зелени површини, миење улици, противпожарна заштита и јавни чешми), сите комерцијални загуби (илегални и нерегистрирани потрошувачи, непостојни или неисправни водомери, злоупотреба на хидранти, злоупотреба на јавни чешми во колективни станбени згради) и реалните, технички зауби во системот (дефекти на цевководи, приклучни цевки и споеви и араматури).

.Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека проблемот со загуба на вода е еден од нивните приоритети што треба да го решат во наредниот период. Неопходно е рационално користење на водата за полевање, за миење улици, јавни чешми и за противпожарна заштита, а неисправните водомери се менуваат во најкраток рок.

Инкасаторите и контролорите, пак, како редовна работна обврска имаат откривање диви приклучоци и пријавување. Инкасаторите располгаат со податоци и со рачни компјутери за отчитување на водомерите во нивниот реон. Откако ќе се открие див приклучок, се доставува контролна опомена до физичкото или правното лице. Тие имаат рок од три дена да почнат постапка за легализација (пријавување) на нелегално изведен приклучок. Ако не се испочитува тоа, тогаш следува налог за исклучување и почнува постапка за кривично гонење за кражба на вода преку комуналните инспектори на Град Скопје. Лани имало над 400 кривични пријави, а во првата половина од годинава околу 100 кривични пријави.

Според „Водовод и канализација“, во овој дел има тенденција на намалување бидејќи нивните вработени повеќе се на терен. Повеќе има несовесни граѓани и нивната потрошувачка влијае во водоводниот систем, но не е од големи размери.

– Загубата на вода не само што ги зголемува годишните и оперативните трошоци на претпријатието, туку може да доведе и до проблеми во редовното водоснабдување кај одредени делови од градот. Во услови на недостиг од вода, најчести решенија за надминување на таа состојба се бараат во примена на нова технологија или во изнаоѓање нови извори на вода, за што се потребни големи финансиски средства, велат од „Водовод и канализација“.

Технички загуби во системот

Град Скопје е еден од ретките што има привилегија да користи изворска вода, а грижата и одговорноста за нејзиното користење се големи, како од корисниците така и од службите на „Водовод и канализација“. Дефектите во водоводниот систем се случуваат и не можат секогаш да се планираат, но потребно е да се пријавуваат од физичките и правните субјекти и да се санираат.

– И покрај ефикасноста на службите, има голем број дефекти и загубата на вода е над 50 отсто, што секако е показател дека треба многу да се вложува, особено онаму каде што се работи за застарена и дотраена водоводна мрежа, информираат од „Водовод и канализација“.

За период од шест месеци, од 1 јануари 2018 до 30 јуни 2018 година, во Дежурно-информативниот центар (ДИЦ) при „Водовод и канализација“ имало вкупно 1.831 пријава за дефект на главна водоводна мрежа (уличен дефект, дефект на затворач, дефект на приклучна цевка и сл.). Екипите на „Водовод и канализација“ излегле и интервенирале на терен во најкраток можен рок. Од нив имало и 109 пријави за непостојни дефекти, што негативно влијае на ефикасноста на службите.

Работата на Дежурно-информативниот центар

Во рамките на „Водовод и канализација“ функционира Дежурно-информативен центар, чија основна дејност е давање информации на сите заинтересирани страни за евентуалните прекини во водоснабдувањето, интервенции по повици-пријави од странки за настанати дефекти на водоводната и канализациската мрежа, координирање и организирање на работата на соодветните пунктови при санирање на дефектите надвор од редовното работно време, како и директно учество во поправка на дефекти од помал обем и интервентно затворање на затворачи, за да се спречат евентуални штети и хаварии од поголеми размери, отзатнување на сливниците при обилни врнежи на дожд и друго.

Со цел информирање на граѓаните за евентуалните прекини во редовното водоснабдување предизвикани од санирање одредени дефекти, Дежурно-информативниот центар ги извршува сите неопходни контакти првенствено со Центарот за управување со кризи на Град Скопје.

Дежурно-информативниот центар работи непрекинато 24 часа, седум дена во неделата, 365 дена во годината. Контактите со граѓаните се остваруваат преку телефонските броеви: 3073-010, 3240-300 и 0800 22 555, преку е-адресата: dezurna@vodovod-skopje.com.mk, како и преку веб-страницата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Откако корисниците ќе воспостават контакт со централата одбираат опција 1 за пријава на дефект и повикот се поврзува со оператор од центарот, кој е должен да побара основни податоци за лицето кое пријавува. За физички лица потребни се име и презиме, адреса, тел. бр.за контакт и шифра на корисник, а за правни субјекти – назив на правното лице, адреса, тел. бр. и лице за контакт. Операторот бара точна информација за дефектот и во истиот момент отвора налог за интервенција во апликацијата за прием на интервенции (ДМС) и во зависност од тоа дали се работи за дефект на водоводната или канализациската мрежа се проследува до соодветниот сектор.

За  дефекти на водоводната мрежа, каде што корисникот тврди дека прави штета, дежурната екипа од ДИЦ веднаш излегува на терен да направи увид и доколку постои опасност да се предизвика штета, веднаш се пристапува кон затворање на водата, а потоа интервенцијата се проследува до сектор водовод.

При дефект од поголеми размери или кога станува збор за некоја планирана реконструкција на водоводната мрежа поради прекин во водоснабдувањето има зголемен број повици. Од „Водовод и канализација“ апелираат корисниците да бидат точни и концизни при пријавувањето дефект.

Инвестиции во водоводниот систем

За поефикасно водоснабдување „Водовод и канализација“ во изминатиот период изврши замена и реконструкција на повеќе мрежи на критични точки во градот. При нивната изведба понекогаш има прекини во водоснабдувањето, некогаш и по повеќе часа, за што дел корисници реагираат.

Извршена е реконструкцијата на водоводна линија со пречник од 700 милиметри кај новиот кружен тек, меѓу улицата „Христо Татарчев“ и булеварот „Србија“. Зафатот траеше 12 часа и имаше прекин на водоснабдување на голем дел од корисниците од неколку населби: Аеродром и Ново Лисиче (висока зона – станбените објекти над петти кат), Припор, Сопиште, Ракотинци и Добри Дол, како и дел од Кисела Вода на улицата „Христо Татарчев“ крак 1-11, крак 2, Сервисна зона Југ, дел од булеварот „Борис Трајковски“ и дел од булеварот „Србија“ (од новиот кружен тек до булеварот „Борис Трајковски“).

Во иднина неопходни се зафати во водоводниот систем со цел да се намалат бројот на дефекти и загубите на вода. За да се спречи или намали загубата на вода ангажирана е израелската компанијата „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во главниот град. Досега се откриени 237 дефекти невидливи за голо око што во наредниот период ќе бидат санирани од службите на ЈП „Водовод и канализација“.

Магдалена Ристоманов/МИА