Бизнис
17. August 2015 - 14:13

Со финансиска поддршка на АФПЗРР се реализираат 180 инфраструктурни проекти

Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска на градоначалниците од осум плански региони им беа врачени 180 времени решенија  за инфраструктурни проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година. 

- Повеќе од општините имаат и по три времени решенија, а максималната вредност на инвестиција, на проект е до 20 милиони денари.  Годинава има 208 доставени барања, а 180 во моментов се финасираат како времени решенија, рече Билјана Вуковиќ, в.д. директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР). 

Таа информира дека по добивањето на овие времени решенија, општините спроведуваат тендерска постапка, јавна набавка и по склучување на договор со економски оператор доаѓаат во Агенцијата да го склучат договорот за финансиска поддршка. Ја реализираат инвестицијата и ги добиваат парите кои им се надоместуваат 100 отсто. 

- Учествуваа сите општини, од осум плански региони. Од тоа што беше сработено по административната контрола утврдивме дека соодветни за финасирње се 180 проекти од околу 60-тина општини и осум плански региони. Вкупната одобрена вредност на овие проекти е две милијарди и 55 милиони денари, нагласи Вуковиќ. 

Забележителен е, како што посочи, трендот на се поголема заинтересираност на руралните општини за доставување проекти за користење средства за вакви инфраструктурни инвестиции. Додаде дека оваа мерка се спроведува од 2009 година, обично преку една година бидејќи се работи за проекти на кои им треба време за реализација, од една до три години. 

- Се уште имаме проекти од 2013 година кои се во фаза на реализација. Тоа се претежно проекти за изработка на урбанистички планови, за кои постапката долго трае, рече Вуковиќ. 

Во 2013 година биле доставени 178 барања, а одобрени 134. Вкупната вредноста на склучени договори по овие барања била милијарда денари. 

Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев изјави дека средствата ќе ги искористат за руралните средини во општината, за водоснабдување на населеното место Чолошево, за средување на улици и плоштадот во Иванковци и за средување на околината на Велешкото Езеро. 

Градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ информира дека аплицирале со два проекта - реконструкција на Домот на културата во село Драчево и изработка на детални урбанистички планови за селата Драчево и Усје.