Македонија
20. January 2023 - 16:32

Со бугарски државен авион претепаниот охриѓанец пренесен во Бугарија

Претепаниот секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков евакуиран со владин авион на лекување во Бугарија.

Со одобрение на семејството од страна на болницата за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо е транспортиран до охридскиот ародром иако препораката од болницата била да се лекува на максилофацијална хирургија во Скопје. 

Пендиков по нападот како што дознаваме од болницата се здобил со тешки телесни повреди на лицето, фрактури на долната и горната вилица, но како што посочуваат за Сител охриѓанецот бил  свесен и во стабилна состојба.

Oд полицијата велат дека по преземените мерки и активности во координација со ОЈО за расчистување на случајот со физичкиот напад врз секретарот на Цар Борис Трети пријавен синоќа околу 22.30 часот, приведени се три лица сите од Охрид. По целосно документирање на случајот до надлежното обвинителство во Охрид ќе биде поднесена кривична пријава.

На Пендиков кој настрада во синоќешната тепачка во угостителски објект на кејот „Македонија“ пред месец дена, охридската полиција му поднесе кривична пријава откако кај него пронајде кокаин, а на полицијата и се познати и тројцата напаѓачи, кои повеќе пати досега биле пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир.

Од страна на очевидците кои не сакаа да зборуваат пред камера се посочува дека не станува збор за политика ниту омраза кон Бугарите туку за меѓусебни недоразбирањаи нерасчистени сметки.

Инаку Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен на 7-ми октомври минатата година, проследен со протести на граѓани, со поддршка од опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ. 

По само неколку дена од неговото отворање беше скршен излогот на просториите во кои е сместен клубот, но и таблата со името на контроверзниот бугарски цар а беше објавена и видео снимка од маскирани лица како фрлаат со камења кон центарот.

Во месец ноември пак беше искршено стаклото на влезната врата со огнено оружје.