Македонија
27. November 2026 - 16:33

Со боди камери и видеоповици ќе се документира семејното насилство

Секоја полициска интервенција при семејно насилство ќе се снима со боди камери кои полицајците ќе ги носат на себе. Со тоа ќе се документира во каква состојба полицијата ја затекнала жртвата, што се случувало на местото на настанот, но и дали полицајците соодветно постапиле. Овие снимки ќе се користат и како докази пред суд.

Боди камерите веќе се тестираат на подрачјето на Велес, а полицијата ќе ги користи при сите интервенции. Камерите ќе овозможат директен пренос на снимките до командните центри, но и превод во живо на повеќе од 40 јазици.

Дополнителни докази ќе се обезбедуваат и преку самите повици на жртвите. Наместо обичен телефонски повик, жртвата ќе може преку видеоповик да побара итна интервенција од полицијата или Центарот за управување со кризи. На тој начин ќе се документира што се случува во моментот кога жртвата бара помош, а снимката ќе може да се користи како доказ пред суд.

Двете мерки што ги најави МВР треба да почнат да се применуваат до средината на следната година. Во меѓувреме, Собранието треба да ги донесе измените на Законот за спречување и заштита семејното насилство. Со нив, доколку полицијата процени дека жртвата е во опасност, ќе може веднаш да му забрани на насилникот да се врати дома во наредните 48 часа, без разлика дали домот е негова сопственост.

Во тој период инситуциите ќе одлучуваат какви мерки ќе преземат против насилникот.