Македонија
25. February 2024 - 16:30

Сива економија во земјоделието

Вкупно 33% од Бруто домашниот производ на годишно ниво во Македонија отпаѓа на сивата економија. Над 40.000 ангажирани работници во земјоделскиот сектор се ангажирани неформално, oдносно над 50% од вкупниот број на лица кои работат на црно во државава, во сите области, отпаѓаат на земјоделскиот сектор.

Ова се податоците од истражувањето во пелагонискиот регион на здружението ЛАГ АГРО ЛИДЕР. Било утврдено и тоа дека инспекциите излегуваат на терен само од 8 до 16 часот, а ангажирањето на работниците на црно во земјоделскиот сектор се случува токму пред 7 часот или после 16 часот.

„95% од компаниите кои работат во земјоделскиот сектор и се занимаваат со земјоделска дејност, сметаат дека скриената економија и ангажирањето на лица на неформален начин не претставува ризик за нивната компанија, а пак од друга страна оштетени се лицата кои што се неформално ангажирани, бидејќи не им се плаќа толку колку што се договрени иако го сработиле нивниот дел од работата, а од друга страна оштетена е и општината, која што не добива даноци“, истакна Даниела Цветаноска, претседател на ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Се препорачува итно сузбивање на оваа сива економија за да има поголеми приходи во буџетите на општините.

„Треба да имаат поголема контрола на компаниите кои работат во земјоделскиот сектор, понатаму поголема институционална одговрност и доверба се клучот за скенирање на скриената економија во земјоделскиот сектор. Граѓаните кои работат над 1 хектар земјоделски површини, како и компаниите кои задолжително да бидат пријавени како правни субјекти“, додаде Талија Петреска, здружение ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Како дел од мерките кои се препорачуваат се фискализација на зелените пазари каде голем дел од оние кои продаваат не се земјоделци туку препродавачи , елиминирање на откупот земјоделските производи на нерегистрирани откупувачи, особено кај живата стока, што пак на земјоделците им ја ускратува и можноста за субвенции.

„Затоа што самото тоа плаќање на директните плаќања е поврзано со продажба месо или млеко на познат откупувач и во тој случај и нивниот финансиски ефект е помал во однос на тие директни плаќања, односно имаат помала субвенција во однос на останатите“, рече Горан Томески, Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Проектот насловен „Промените започнуваат на локално ниво“ е спроведен во пелагонискиот регион, како еден од најземјоделските краеви во Македонија.