Македонија
26. October 2015 - 13:32

Синиот автобус на „Еураксес“ на паркингот пред ФИНКИ

Студентите и истражувачите кои се наоѓаат на почетокот на својата кариера денеска пред Факултетот за информатички науки и компјутерски технологии-ФИНКИ имаа можност да го посетат синиот автобус на „Еураксес“ и да се информираат за тоа како подобро да се развие истражувачката кариера.

Синиот автобусот има фотограф каде студентите може да изработат CV и веднаш да го постават на интернет страница за вработување и да ги контактираат потенцијални работодавачи. Моментално на Еураксис вработување има објавени пет илјади работни позиции, од кои најмногу во ИТ секторот.

Еураксес мрежата е иницијатива поддржана од Европската комисија која им помага на истражувачите да најдат истражувачка кариера во Европа. Македонија во мрежата е вклучена од 2013 година со проектот Еураксес Македонија. Мрежата преку сервисни центри им помага на истражувачите да најдат работа во Европа.

- Целта на иницијативата е да се зголеми истражувачката дејност во Европа, за таа да стане поконкурентна во полето на знаење. До 2020 во Европа е планирано да се креираат милион нови истражувачки работни места. Еураксес мрежата го поддржува тоа преку објавување нови работни позиции, фондови за проекти, стипендии и грантови, изјави Неда Коцарева, проект менаџер на Еураксес Македонија.

Во Македонија, нагласи Коцарева, истражувачката кариера не е многу атрактивна за  студентите и една од целите на Еураксес мрежата е младите студенти да се задржат во професијата како истражувачи.

- Сите работи што ги нуди мрежата се бесплатни за младите. Таа е поделена на четири главни столба, вработување, сервиси, права и врски. Преку Еураксес вработување се нудат работни места и можности за финансирање проекти. Сервисните центри нудат поддршка на истражувачите при преселба од една во друга европска држава. Еураксес  права се грижат за правата на истражувачите, за тие да имаат добри работни услови. Еураксес врски им помагаат на истражувачите да останат во контакт со европските истражувачи, рече Коцарева.

Постојат 260 Еураксис сервисни центри во 40 европски држави што нудат лична и професионална услуга на истражувачот при преселба од една во друга држава.

- Досега преку Еураксис мрежата се помогнати двајца американски истражувачи да дојдат во Македонија, како помош за добивање работна дозвола, да најде сместување и јазични курсеви по македонски, рече Коцарева.

Проектот „Еураксес“ во Македонија се одвива во рамки на Македонската академија на науките и уметностите. Синиот автобус на „Еураксес“ е на турнеја низ Европа, а освен во Скопје ќе посети и други 33 градови во 16 европски држави.